Со по 50 евра закуп се користат 879 општествени станa


Владата ја продолжи важноста на одлуката со која корисниците на општествени станови можат да ги откупат со 70 отсто попуст, доколку тоа го направат со еднократна уплата. Во Македонија има 879 општествени стана. Од нив 372 се во Скопје, 100 во Битола, 86 во Струмица, 84 во Прилеп, 21 во Охрид, 22 во Кичево, 6 во Кочани, 51 во Куманово, 30 во Штип, 9 во Кавадарци, 53 во Тетово и 45 во Велес. Со нив стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за РМ.

„Просечната цена на закуп се движи околу 3.000 денари. Износот се утврдува според методологија за утврдување на вредноста на становите, која вклучува локација, квадратура, катност и други елементи“, објаснуваат од ова АД додавајќи дека престануваат да стопанисуваат со одреден стан во моментот кога ќе добијат потврда дека корисникот го откупил.

Можноста за откупување на станови ја имаат оние корисници што поднесле барање до 31 март 2015 година. Постапката оди преку Министерството за транспорт и врски.

„Другите услови што треба да ги исполнува корисникот на станот за да може да го откупи се – да има решение, одлука или договор за користење на станот со статус на носител на станарско право, да е државјанин на Македонија и да нема друг стан на територијата на државата“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Во периодот од 2010 до 2018 година се откупени 1.627 стана. (А.С.)