Со Владата имаат различен став: ТАВ резервиран за национален авиопревозник


Владата и ТАВ имаат различен став за национален авиопревозник. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на пречекот на двамилионитиот патник на Скопскиот аеродром најави дека следната година ќе се прави нова анализа на авиопазарот.

„Во буџетот на Министерството за следната година предвидовме средства за изготвување анализа на можноста за воведување национален авиопревозник. Ќе се анализира состојбата за да се види дали има реални услови за тоа. Дополнително, континуирано остваруваме средби со авиокомпании кои пројавуваат интерес за условите за влез на македонскиот пазар, на што остануваме високо посветени во наредниот период“, рече министерот Сугарески.

Операторот на двата македонски аеродроми ТАВ смета дека искуствата со националните авиопревозници не влеваат многу оптимизам.

„Ако ги гледате финансиските бројки за компаниите национални превозници од регионот, тие имаат финансиски проблеми или се купени од други компании. Ние поддржуваме формирање национален авиопревозник, но мое лично мислење е дека Владата не треба финансиски да ја поддржува компанијата национален авиопревозник туку таа треба да биде способна сама финансиски да се одржува“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Од јануари до ноември годинава вкупно 2,1 милиони патници летале преку скопскиот и охридскиот аеродром, што е раст од 18 проценти. Од нив, над 60 проценти летале со нискобуџетната компанија „Визер“ која во два циклуси добиваше финансиска поддршка од Владата за нови дестинации.

По два неуспешни обиди годинава, во тек е трет јавен повик за субвенционирање на авиокомпанија, кој завршува на 21 месецов, а изборот треба да се направи до крајот на годинава. За следните три години, субвенционираниот авиопревозник ќе добие 5 милиони евра, а ќе треба да воведе по две нови дестинации од скопскиот и од охридскиот аеродром до 26 март следната година.

ТАВ ги најави плановите до 2022 да стигне до 3 милиони патници годишно.

Анита Салтировска

Фото: Б. Грданоски