Софиски автобус на струја ќе вози на линијата „15“


Корисниците на линијата со број „15“ на ЈСП од пролет ќе имаат привилегија да се возат во електричен автобус. Тој ќе биде првиот од неколкуте што се планирани да го прошират и подноват возниот парк на сообраќајното претпријатие, со цел побрз и поеколошки сообраќај. Всушност, тој автобус нема да биде купен, туку производителот „Кериот моторс“ од Бугарија, промотивно ќе му го даде на користење на ЈСП. Истиот автобус сега се вози низ Софија. Има капацитет за 90 патници, а на батеријата ѝ е потребно да се наполни од 2 до 5 минути. Со едно полнење автобусот ќе може да ја минува линијата во еден правец, од Ново Лисиче до станицата кај „Сити мол“. Производителот гарантира дека автобусот може да „извози“ дури 12 милиони километри за 11 години.

„Очекуваме автобусот да ни биде испорачан најдоцна до април. Во меѓувреме, на терен екипите на ЕВН работат на поставување полнач за автобусот, по еден на почетната, односно крајната станица на линијата со број ‘15’“, ни изјави Кристијан Чушков, директор на ЈСП. Вели дека автобусот што ќе пристигне кај нас сега се вози во Софија и е еден од неколкуте идентични што сообраќаат во главниот град на соседна Бугарија, а пет такви веќе речиси една година користи и сообраќајното претпријатие во Белград. Десетици автобуси од истото производство се користат и во Тел Авив и во Грац.

„Производителот одлучи да ни даде еден таков на користење знаејќи ги нашите намери за проширување на нашиот возен парк со побрзи и поеколошки возила. Ќе сообраќа неколку месеци, односно толку време колку што ќе биде потребно за да ги видиме придобивките или маните на ваков вид возило за јавен превоз“, додава Чушков. Тој потенцира дека во меѓувреме претпријатието заедно со градските власти ги дефинира активностите за реализација на идејата за постепена обнова на возниот парк со електрични автобуси.

Токму таа намера беше и едно од ветувањата на градската власт во предизборната кампања како дел од мерките за заштита на животната средина. За таа цел во буџетот за 2018 година предвиден е 1,6 милион евра. Толку пари за купување електрични автобуси се предвидени и во Инвестициската програма на ЈСП за годинава. Меѓу другото, претпријатието планира да потроши и околу 150.000 евра за дел од украинските автобуси ЛАЗ, кои сега возат на дизел-гориво, за да ги приспособат да користат природен гас. Возниот парк има 80 такви автобуси, но сега во оваа фаза приспособување е планирано за дел од нив.

„Во оваа фаза, односно годинава планираме да пренамениме 20 автобуси, па останатите следната година. Сметаме дека сега возејќи на дизел-гориво прават повеќе трошоци и ја загадуваат животната средина“, вели Чушков.

Деспина Трајковска-Димова