„Сонувани и будни песни“: Нова поетска книга на Владимир Мартиновски


Поетската книга „Сонувани и будни песни“ од Владимир Мартиновски ќе биде промовирана вечер во киното Култура во Скопје.

Промотор на книгата е академик Влада Урошевиќ, а песните ќе ги читаат Билјана Стојановска и авторот, во музичка придружба на Петар Христов.

Книгата е двојазично издание на „Кликер“, а песните се препеани на англиски јазик од страна на Милан Дамјаноски. Поетската книга е пишувана за време на учеството на Владимир Мартиновски на Меѓународната книжевна програма на Универзитетот во Ајова од август до ноември 2017 година.

Владимир Мартиновски (1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач. Работи како редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор е на поетските книги „Морска месечина“, „Скриени песни“, „И вода и земја и оган и воздух“, „Квартети“, „Побрзај и почекај“, „Пред и по танцот“, „Вистинска вода“ и „Внатрешни планини“.

Неговите песни се објавени на дваесетина јазици. Објавил три книги со хаибуни „Ехо од бранови“, „Мачка во магла“ и „Небо без ѕвезди“. Автор и на книжевно-теориските книги „Од слика до песна“, „Споредбени триптиси“, „Les Musées imaginaires“, „Слики за читање“, „Споредбени диптиси„, „Зоон поетикон“ и „Narro ergo sum“. Добитник е на неколку книжевни награди.