Совет


ЛЕЈЛА САБИТ

Во Македонија секој знае сè, секој знае повеќе од вас, никој не трпи критики, сите чекаат аплаузи отколку свирежи, сите сакаат гага отколку да платат, да фаќаат сеир отколку сериозен муабет, сите сакаат да делат совети отколку да примаат, сите сакаат да се ин отколку аут, да слушаат лажни отколку лоши вести.

Советите се како имиџот и стилот.

Сè се врти околу нив.

Или се потценети или се преценети.

За некого се нешто неважно, а за некого сè битно.

Советите можеш да ги делиш и да ги примаш, некогаш злато вредат, од лоши совети можеш да изгубиш империја, велат Отоманската пропаднала од многу советници, некогаш ќе те направат подобар, а некогаш полош човек.

Предизвикуваат љубомора и озборување.

Грдиот го прават убав. Глупавите паметни. Старите млади. Малите големи. Сељаците граѓани.

Тежок е патот до добар советник.

Ве демнат опасности и многу непознати.

Или ќе ве однесат до врв или на дно.

Не секој го бидува за советник, ниту секој има паметен совет во секое време.

Еве совет како да се облечете за концертот на Стинг в недела на Градскиот стадион.

Облечете се спортски, удобно и во слоеви. Сосе настапот на „Влатко Стефановски трио“, ноќта ќе биде долга. Додека да се загреете, ќе ви биде ладно, подоцна ќе ви стане топло.

Подобро во патики отколку во потпетици, иако цело Скопје ќе дојде, плус јавни личности и политичкиот врв. Настанот е сеирџиски, да видите и да бидете видени.

Шминката треба да биде минимална, ама бидејќи сме контранарод, ќе има и такви со целосен мејкап со тренерки или премногу дотерани како за вечерен настан.

Поентата е убаво да си поминете и да се забавувате, да не ве болат нозете, да не ви се размачка шминката од потта или да не ви биде незгодно што сте предотерани во публика, на спортски стадион. И ѕвезда како Стинг пее во маици.

Кој знае знае, кој не знае, ќе научи. Македонија и сè е можно!