Совет на Гевгелија: „Не“ за рудници на Кожуф


На денешната вонредна седница Советот на општина Гевгелија едногласно го одби барањето за продолжување на геолошките истражувања на Кожуф од страна на фирмата „Резервоар Минералс“ ДООЕЛ Скопје. Ова е вториот негативен одговор на гевгеличани по референдумското „НЕ“ за истражување на металични минерални суровини на локалитетот „с. Коњско“ на Кожуф планина, пренесе порталот Gevgelijanet. 

На денешната вонредна седница, советниците расправале за барањето на фирмата со истечена концесионерска лиценца, за продолжување на рокот за истражување на уште две години. Барањето за продолжување на геолошките истражувања пред советниците го образложи управителката на „Резервоар минералс“ ДООЕЛ Скопје Даниела Бомбол. Таа пред навести дека ќе биде запазени сите законски одредби и светски стандарди за заштита на животната средина.

По едночасовна расправа, Советот донесе заклучок дека Министерството за економија и Владата треба да го раскинат оговорот за концесија. Според советниците, согласно Извештајот од извршените детални геолошки истражувања на металични минерални суровини на локалитетот Конско за периодот 2013-2017 година, како и записникот од извршениот теренски увид од страна на Министерството за економија, концесионерот немал суштински причини или пречки да го заврши истражувањето во законски рок.

„Очекуваме Министерството за економија и Владата како надлежен орган за работите од областа на минералните суровини, во целост да го почитуваат ставот на Советот на општина Гевгелија за давање негативно мислење околу барањето за доделување на концесија за продолжување на геолошките истражувања на Кожуф планина“, соопштија од Советот.

Компанијата „Резервоар Минералс“ ДООЕЛ Скопје прв пат ја доби концесијата за детални геолошки истражувања за овој локалитет во 2013 година и по истекот на првично доделениот рок од 4 години сега бара продолжување на рокот за вршење на истражувањата за уште 2 години.