Советник на Меркел ќе му дише во врат на Заев


Премиерот Зоран Заев најави формирање на германско-македонски управувачки комитет, кој ќе одлучува за економски прашања.

„Новина е тоа што со канцеларката Ангела Меркел веќе потврдивме управувачки комитет за економија. Зошто со Меркел? Знаете дека освен со домашната економија, ние имаме сериозна, најголема трговска поврзаност со Германија. Се очекува 2018 да заврши со трговска размена од 4 милијарди евра. Во 2017 беше 3,6 милијарди, каде што ние импозантно доминираме во извозот. Тоа потврдува и колку германски компании имаме во Македонија. Овој управувачки комитет меѓу Македонија и Германија ќе биде само за економијата, не за политиката“, најави премиерот дополнувајќи дека ќе има уште еден советник.

„И идниот советник кој ќе биде во мојот кабинет ќе биде предочен директно од Германија, посебно од економската заедница. Тој најмногу ќе биде посветен на дуалната едукација, односно подготовката на квалификувана работна сила“, укажа премиерот Заев посочувајќи дека бизнис-заедница е свесна оти тоа е добредојдено и дека оваа помош нема да се однесува само на германските компании, заради тоа што подготовката ќе оди на целиот кадар и ќе биде сериозно олеснување и можност за домашното стопанство. (А.С.)