Советите на Георгиевски до Мицкоски


Ерол Ризаов

Основачот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, му упати јавен совет на актуелниот претседател на партијата и лидер на опозицијата Христијан Мицкоски да го остави СДСМ да го реши проблемот со името. Оти ако тие не постигнат компромис, ќе мора ВМРО-ДПМНЕ да го прифати кога ќе дојде на власт. Поарно жешкиот костен да го вадат други.

Оваа доктрина наликува на тропање на отворена врата, бидејќи Христијан Мицкоски и најтесното раководство на ВМРО ДПМНЕ оваа тактика веќе ја применуваат откако се појави шанса за можно решение. Сепак, советот на Георгиевски заслужува посебно внимание од повеќе аспекти. Тој во својот предлог, на прв поглед, ништо не затскрива, туку отворено порачува како коалицијата на власт треба да се изгори самата од најтешкиот проблем со кој е соочена Македонија од своето осамостојување, а тоа е наметнатиот спор на Грција за промена на уставното име на државата. Тоа уште еднаш покажува дека сите што можеле да направат нешто на тој план не сакале да си ги изгорат прстите.

Георгиевски го подучува Мицкоски како лидер на опозицијата да биде внимателен и да примени блага критика кон власта и да ги остави социјалдемократите и другите владејачки партии да најдат решение за спорот со Грција. Георгиевски децидно вели: „Тој проблем треба да се надмине, а времето тече, така што ако оваа владејачка гарнитура не најде компромис за името, тоа прашање ќе остане да го решава ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт“. Значи недвосмислен е непризнаениот духовен татко на ВМРО-ДПМНЕ: треба да има компромис за името, ама за тоа најдобро е друг да биде виновен. Убаво смислено, баш вмровски, друг нека гине, а после ние ќе ја признаеме и прифатиме новата реалност.

Нема да навлегувам во другите мотиви на Георгиевски зошто тој чувствува потреба јавно да го советува Мицкоски за доктрина која веќе се применува во практиката, туку ќе се обидам да укажам на штетноста на ваков пристап кога се работи за најчувствителното прашање од стратегиските интереси за иднината на Македонија. Прво, поблиската и подалечна историја на соседните и на европските општества јасно кажува дека најзначајните национални и државни интереси, особено кога се носат тешки одлуки, најсилно се бранат со заеднички настап на власта и на опозицијата пред целата јавност. Криењето во заветрина кога силно дува е рамно на предавство.

Изборот на Христијан Мицкоски да го држи понастрана ВМРО-ДПМНЕ од ова суштинско и историско значајно прашање за иднината на граѓаните на Македонија само навидум е прагматичен потег за освојување на власта по крајно деликатна и непопуларна одлука, односно по евентуално прифаќање на промена на името која Владата и партиите на власт ќе ја оценат како прифатлива и која не го нарушува идентитетот и не го оспорува јазикот и други национални и идентитетски обележја. Ова би бил лош потег за ВМРО-ДПМНЕ, и колку и да е патриотски и популистички, сепак е кукавички. Ниту Христијан Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ не ќе можат долго да се кријат во заветрина бидејќи ќе мораат да гласаат во парламентот и ќе мора да се обратат до јавноста со свој став доколку дојде до распишување референдум. Не е можно да се сокрие најмногубројната политичка партија во парламентот. Можно ли е ВМРО-ДПМНЕ да молчи и да не им каже на своите симпатизери дали да гласаат „за“ или „против“ на евентуален референдум.

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, како и сите релевантни политички партии и лидери, немаат многу маневарски простор за затскривање. Или отворено ќе се спротивстават против компромисни решенија за името или ќе ги поддржат. Трето нема. Всушност има, а тоа е целосна маргинализација и на ВМРО-ДПМНЕ и на новиот претседател, кој откако е дојден на оваа функција уште избегнува да ја преземе улогата за која е избран, да биде партиски лидер и лидер на опозицијата. Неговите јавни настапи и изјави, кои се во појасна насока отколку кај неговиот претходник Никола Груевски, се само во однос на тоа дека партијата понагласено се определува кон западната парламентарна демократија и дека иднината на државата ја гледа во Европа и во членството во НАТО и во ЕУ. Но и оваа определба засега е само вербална. Досега нема, ама баш ништо друго што ќе навести дека Мицкоски чекори кон лидерство и дека ги зацврстил своите позиции во партијата, дека е подготвен да расчисти со тие што од ВМРО-ДПМНЕ направија арамиско гнездо и мафијашка партија. Нема ни најмал обид да ги откачи учесниците на злосторничките здруженија и носителите на монструозниот план на постојано откривање непријатели и гонење вештерки, тирански проект против сите во државата што мислат различно од партискиот врв.

Христијан Мицкоски или нема лидерски амбиции или уште нема сила да ги покаже. Ниту еден од трите клучни предуслови да се биде лидер не исполни во овие неколку месеци како ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Не расчисти одлучно со својот претходник и не го осуди за неговите катастрофални грешки. Не даде поддршка за праведна судска разврска на сите обвинети за криминал, за злоупотреба на власта и за крвопролевањето на 27 април во Собранието. Не ги зајакна своите позиции во партијата и не се претстави во јавноста како човек со демократски капацитет, како што доликува на еден универзитетски професор. Тие три клучни работи со зреење во опозиција се многу поважни отколку брзото враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт, што би означило во ваква ситуација експресно враќање на Никола Груевски бидејќи сѐ уште, иако е секој ден на обвинителна клупа, ги држи сите полуги во партијата.

Наместо советите што ги дава Љупчо Георгиевски до Христијан Мицкоски да им ја препушти целосно работата со името на владејачките партии, многу покорисно би било Мицкоски да расчисти со рецидивите на Груевски и гнилежот во партијата и храбро и силно да застане во поддршка на компромис кој ќе биде прифатлив и ќе ги отвори вратите на ЕУ. Во тоа е историската улога и лидерската позиција. Има денови за мегдан меѓу власта и опозицијата. Владата и премиерот Зоран Заев во секој случај ќе влезат во тешка ситуација и со прифатлив компромис кој исто така ќе биде болен поради отстапки, но и ако не прифатат решенија што задираат во идентитетот и се навредливи за граѓаните на Македонија.