Снег


Лејла Сабит

Некогаш снежи само еден час, а некогаш паѓа без прекин.

Во природата, на планините, во град, на село, под вашиот прозорец или во вашите мисли.

Раскажува романтична или болна приказна, виртуелна или реална, доживеана или прераскажана.

За некого е игра, за некого обврска, за некого хаос, а за некого профит.

За некого дар од небо за да ги покрие црнилата од секојдневието, а некому му се темни пред очи кога ќе падне.

Снегот го следат измешани чувства, убави и лоши моменти, детство и старост, уживање или тешки повреди.

Децата се радуваат, родителите се нервираат, постарите седат дома, надлежните и докторите предупредуваат, шоферите прскаат, а пешаците пцујат.

Се мешаат надлежности и ингеренции и никој не сака да го зачисти снегот пред своја врата.

Снегот може да го извади од вас најдоброто или најлошото.

Зависи во која населба живеете, каде работите, со кого се дружите и кој ви е комшија.

Дали ви пали автомобилот наутро, се возите со градски автобус или залудно чекате такси.

Во еден момент се шетате по снегот, во друг момент некој ве удрил со снежна топка.

Снегот може долго да се задржи или да се истопи за еден еден.

Зависи дали на зимата гледате со душа или како на грев.

Секогаш ќе има за и против. За снегот и за сите убави и успешни работи во вашиот живот.

Ќе ѝ бидете трн во око на околината како што некој снегулката во око ја чувствува како трн.

C’est la vie!