Сметководителите лути на Тевдовски за новиот закон


Новиот закон за сметководство Министерството за финансии го стави на јавна расправа, и судејќи по реакциите на еснафот, нема да ја унапреди дејноста, ама има шанси да ги натера сметководителите да се здружат во синдикат. Оти, како што забележува еден од критичарите на предложените измени во регулативата, „притисоците врз Министерството за финансии како поединци, неформални и работни групи нема да имаат голем ефект. Она што ни недостига е здружување на ниво на синдикат. Ако успееме да се обединиме, ќе издејствуваме и права, и тарифник, и сè што ни е потребно“.

Причини за револтот на фелата има повеќе, а само појдовна е тоа што не биле консултирани за измените, кои ги сметаат за уште едно кабинетско решение.

Ресорното Министерство за финансии, кое стои зад измените, во најавата вели дека актуелниот Закон за вршење сметководствени работи е донесен во 2012 година, а отпочнува да се применува во 2016 година. Во меѓувреме, со измени биле избришани битни одредби, па оттука потребата за подигање на квалитетот на професијата, преку воведување влезен испит со можност за ослободување од полагање на одредени испити во зависност од претходно стекнатото образование.

„Се овозможува влез во професијата веднаш по завршување на формалното образование и се унапредува процесот на континуирано професионално усовршување (се признава учество на симпозиуми, конгреси,стручни предавања,менторство и сл.)“, објаснува Министерството.

Сметководителите, пак, повеќето на социјалните мрежи, преку специјализираните групи, прашуваат зошто министерот Драган Тевдовски го става Институтот на сметководители, како нивно професионално здружение, под целосна контрола на Министерството за финансии.

„Тоа се коси со европските закони, не може Министерството да го избира управниот одбор. Тоа е направено само за да може Министерството да ја контролира цената на сметководствената услуга. Ако претходниот долгогодишен министер за финансии, кога го донесе законот, сакаше да го одобрува управниот одбор и претседателот, овој комплетно ќе го контролира, ќе го сменува, поставува. Наместо да ја крене фелата на повисоко рамниште и да се бори со сивата економија, за лиценци, тој ја враќа назад“, вели еден од искусните сметководствени работници додавајќи дека нема да можат да ја зголемат цената на сметководствената услуга, а таа може и дополнително да се намали.

Новиот закон предлага ослободување од поголем број часови за обука на сметководителите, но нашиот соговорник објаснува дека за сметка на тоа сметководителот е казнет да работи во непазарни услови.

Сметководителите велат дека само со континуирано професионално усовршување може да станат баран кадар, не само во земјата, туку и во странство.

„Автоматизацијата овозможува добивање одредени податоци, но не можете да го смените човечкиот фактор во сметководството. За клучните податоци неопходни се добро едуцирани сметководители, што им овозможува да имаат интегритет. Ако газдата за кој работат ги тера да потпишуваат пријави со лажирани податоци, едуцираниот сметководител може да одбие и по цена да биде избркан, затоа што многу лесно ќе најде работа на друго место“, објаснуваат сметководителите.

Анита Салтировска