Сликовници, филмови и видеоигри со македонскиот цртан лик Биби


Факултети.мк и Деца.мк го почнаа проектот „Бибиленд“ во кој „сезнајката Биби“ е главен лик и ќе ги учи децата да го сакаат македонскиот јазик.

– Сѐ започна од желбата на тимот да создаде лик со кој ќе се поистоветат нашите деца. Биби е македонски производ и во вашите домови ќе влезе во разни форми – цртани филмови, сликовници, песнички, видеоигри, соопштија креаторите на ликот.

Во проектот се вклучени илустраторот Михајло Димитриевски (Тхе Мичо), режисерот Гоце Цветановски, драматургот Билјана Црвенковска и актерката Слаѓана Вујошевиќ, која го позајми гласот за девојчето Биби. Првите изненадувања од Биби ги најавија од наредната недела.

– Биби е мало девојче кое зборува литературно. На свој начин ќе раскажува сказни, на сите деца ќе им покаже како изгледа нејзиниот свет полн со фантазија и убави нешта. Таа и нејзиниот омилен другар Боби ќе доживеат многу авантури… Биби умее убаво да зборува и да објаснува, па може да им помага на другите деца во учењето. Таа е експерт за објаснување математика, физика. Омилена книга ѝ е детската енциклопедија, која од збор до збор ќе им ја раскажува на сите деца…, соопшти тимот на „Бибиленд“.