Сите ја сакаат поп-ѕвездата за заштитно лице: Каролина најмногу продава
Ја гледаме на сцена, ни се смее од билборди или градски автобуси, на козметички и модни каталози. Сите го копираат нејзиниот стил од улица, патување, настап… Македонскиот пазар на македонски или на интернационалните брендови не се заситува од лицето или ставата на поп-ѕвездата Каролина Гочева-Корубин. А и таа е расположена за снимање или разговор. Велат точна е, го почитува договорот, професионална е, рано станува, не се буни…
Зошто Каролина е најангажирана меѓу ѕвездите во Македонија?
Пее како ѕвезда, изгледа како ѕвезда, се облекува како ѕвезда. Ама не се однесува како ѕвезда. Не ја врзуваат скандали, приватниот живот го држи подалеку од очите на јавноста. Го дозира присуството на социјалните мрежи. Сѐ уште стои цврсто на земјата и по свадбата на годината со уметникот Михаил Корубин. Родена битолчанка, над една деценија скопјанка, една од ретките ѕвезди со спој на убавина, стил и префинетост. На сцената со дамски стајлинг, налик на ѕвездите од Холивуд, во елегантни креации, со избрани модни детали. Нејзината долга коса и шминката на настапите, во спотовите и на концертите и се средени до совршенство. Носи дизајнерска облека, најчесто купена во Италија и шик чевли. Остана доследна на изборот на накит – никогаш нема да ја видите во злато.
Каролина денес е препознатлива по својот стил кој значи: тренд, префинетост и мерка, стил кој никогаш не ја прави да изгледа постара и посериозна. Благодарение и на екипата што се грижи за нејзиниот стајлинг: Цаци Паковска и шминкерот Дадар.
Лејла Сабит