„Сите стоплени во зима“: Ревија со 15 модни дизајнери и 24 јавни личности


15 македонски модни дизајнери мрднаа со прст и изработија креации со користена зимска облека, на која ѝ дадоа нов лик, синоќа, на ревијата во МКЦ во Скопје, како дел од акцијата „Сите стоплени во зима“. 24 јавни личности носеа модели на Никола Булевски, Лидија Георгиева, Јасмина Дракуловска, Олгица Ѓорѓиева, Никола Ефтимов, Горан Костовски – Индог, Јана Манева Чупевска, Силвија Михајловска „Алшар“, Благој Мицевски, Антонија Ристовска, Нина Симовска, Емилија M. Ставрова „Ем Елефантски“, Ирина Тошева и Иван Петрушевски – Флим, Јована Филиповиќ и Јана Ацевска „Капка“. Тие, исто така доброволно се вклучија во акцијата за да се собере што повеќе топла зимска облека, и тоа: Огнен Јанески, Јана Бурческа, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Јелена Богојевиќ, Дани Димитровска, Дарија Андовска, Леа Таки, Матеја Киселичка, Анастасија Данчевска, Јана Мишо, Сара Миленковска, Наташа Мијата, Елена Зисовска, Ана Петрушева, Сара Климовска, Соња Михајлова, Сандра Грибовска, Снежана Сани Богдановска, Анастасија Богдановска, Милена Атанасова, Ивана Павлаковиќ и Билјана Тануровска Ќулавковска.

Со овој настан кулминираше акцијата „Сите стоплени во зима“, во чии рамки се собра над 1,5 тон топла зимска облека за оние на кои им е најпотребна.

Акцијата „Сите стоплени во зима“ започна во декември и до крајот на јануари беа собрани илјадници парчиња топла зимска облека, која преку организациите „Љубезност“ и „СОС Детско село“ ќе им биде подарена на нашите сограѓани на кои им е најпотребна.

Во поддршка на акцијата, Младинскиот културен центар го отстапи просторот за ревијата, DJ ГОЦЕ САФ се погрижи за атмосферата, „Кариера плус“ за шминката, а облека се собираше и во кафулињата „Љубов“ , „Радио бар“, „Мартини“, „Лед цепелин“, „Нано бар“, „Бај пас“, „Дежа ву Капитол мол“, „Лонг плеј“, „Винил“, како и во компаниите оне.Вип, Телеком, Халк банка и НЛБ банка.

Мрдни со прст е граѓанска платформа чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавањето на општествените прашања што сите нè засегнуваат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред повеќе од една година и ги поттикна граѓаните да почнат да размислуваат за својот индивидуален придонес, како и активно да се вклучат во адресирањето или решавањето на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од „Мрдни со прст“. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски