Сириските Курди со закана до Ердоган: „Соодветно“’ ќе ги пречекаме турските војници
Сириските демократски сили (СДФ), коалиција на бунтовнички групи од северот на Сирија, во која членуваат и најголемите курдски вооружени групи, возвратија на заканата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за проширување на операцијата на северот на Сирија.
Претставникот на СДФ, Редур Џели изјави дека доколку Ердоган „се обиде да ја прошири својата офанзива, ќе добие соодветен дочек“.
Турција најави дека може да ја прошири својата еднонеделна офанзива во областа Африн и кон градот Манбиџ во насока на реката Еуфрат. Африн и Манбиџ се главните упоришта на курдските сили во Сирија.
Ердоган најави дека турската армија може да ги нападне и курдските области во северен Ирак, од каде курдски герилци се уфрлаат на турска територија.
Сириските демократски сили и курдските Сили за заштита на народот (УПГ), која е најголема вооружена група во СДФ, беа сојузници на САД во борбата против Исламската држава. По поразот на ИД, се интензивираше конфликтот меѓу Турција и УПГ, кои Анкара ги смета за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија.