„Синедејс“ стана членка на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуценти


Фестивалот на европски филм „Синедејс“ успеа да се акредитира во Меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуценти (FIAPF) и да се здобие со големото признание „Competitive film festival specialized in European first and second feature films”.

Ова го соопштија од Град Скопје, кој традиционално дава финансиска поддршка на овој фестивал, чиј организатор е Младинскиот културен центар.

Одлуката за зачленување на „Синедејс“ во специјалната селекција од 47 акредитирани фестивали во светот е донесена со едногласна одлука за време на Генералното собрание на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуденти на 18. февруари.

– „Синедејс“ со оваа одлука е рамо до рамо, со 47 фестивали од светот, вклучувајќи ги Кан, Берлин, Сан Себастијан, Торонто и Венеција, кои се исто така, акредитирани преку оваа програма, која гарантира висок квалитет дефиниран во оваа важна меѓународна федерација, наведуваат од Град Скопје.

FIAPF претставува единствена федерација на филмски и на телевизиски продуценти со глобално значење, вбројувајќи 38 продукциски куќи од 31 земја во светот, застапувајќи заеднички економски, правни и регулаторни интереси на филмската и на телевизиска индустрија од сите пет континенти во кои е застапена.

„Синедејс“ е единствениот фестивал на европски филм во Македонија, основан во 2001 година на иницијатива на шпанскиот режисер Педро Алмодовар и Вивиен Рединг, поранешен комисар за Едукација, млади, медиуми, спорт и култура на Европската комисија како „недела за славење на европската кинематографија“ во сите европски метрополи.

Во текот на своите 17 години постоење, „Синедејс“ прерасна од ревија во вистински филмски фестивал, кој ги почитува стандардите за квалитет дефинирани од светската филмска индустрија, со силна и атрактивна програма и за домашната и за меѓународната филмска публика.