Се укинуваат домашните задачи за првачињата


Децата во прво одделение да влегуваат на возраст од најмалку пет и пол години, а наставните часови за нив да траат 55 минути, во кои ќе има и задолжителен одмор од 15 минути, кој наставникот по свое согледување ќе реши кога да го даде, рече министерката за образование и наука Рената Дескоска, објавувајќи ги реформираните наставни планови и програми за прво одделение, кои Министерството за образование и наука ги става на јавна расправа од денеска, пишува Мета.мк

Се предвидува учениците од прво одделение да имаат не повеќе од четири часови дневно, со што ќе се намали времето што учениците ќе го поминат во настава, на сметка на зголемување на времето за одмор и игра. Ќе се исфрли домашната работа, а наместо неа ќе се вршат вежби на час под контрола на наставникот. Исто така, ќе се намалат тестирањата, а акцентот ќе се стави на комплексното проверување на резултатите од учењето, објасни Дескоска.