Се подига свеста во модната индустрија: „Вог“ нема да објавува манекенки под 18 години


САД – Познатиот моден магазин објави дека читателите повеќе нема да гледаат модели на возраст под 18 години на нивните страници. Тоа е дел од ветувањето на списанието дека ќе ги промени стандардите за модели во рамките на индустријата, кауза која е детално објаснета во новиот напис на веб-страницата на „Вог“.

Во статијата, магазинот го истражува опасниот циклус кој денес постои во индустријата со модели. Агенциите им приоѓаат на моделите додека тие сè уште се тинејџери, работат со исцрпувачко темпо (понекогаш и до 20 часа се на сет) и без многу (или какво било) право да дадат свое мислење за тоа што им е кажано да го направат.

Во статијата се објаснува дека модните брендови, кои некогаш сакаа супермодели со облини како што се Наоми Кемпбел и Синди Крафорд на нивните писти и креирале облека приспособена само за нив, сега имаат повеќе од 40-50 модели на секоја поединечна модна ревија. И бидејќи дизајнерите сега бараат поголем број модели, тие често ги ангажираат единствените девојки што можат да влезат во најмалите броеви облека- тинејџерките.

„Порано фитинзите траеја цела вечност“, изјави Дејвид Боноуврие, коосновач и извршен директор на „ДНА модел менаџмент“ во Њујорк за „Вог“. „Сега девојките ги ангажираат доколку можат да влезат во фустанот“, додава тој.

И денешната немилосрдна динамика на индустријата создаде небезбедни работни услови за моделите тинејџери. Андреа Диакону, која е заштитно лице на „Гучи“, „Долче и Габана“ и „Белтаф“, се сеќава на тешкотиите со кои се соочила уште на почетокот велејќи дека фотографот ја замолил да се соблече топлес кога таа имала 14 години и ѝ било кажано да се социјализира во клубови на возраст од 16 години каде што ѝ биле нудени дрога и алкохол (што таа ги одбивала).

Додека „Вог“ се обидува да го смени начинот на размислување во модната индустрија, магазинот исто така признава дека со години соучествувал во оваа неправедна навика на вработување на деца како модели и облекување на истите како возрасни. Сè започна откако Брук Шилдс се појави на насловната страница од февруари 1980 година (на нејзини 14 години), но вети дека оваа редовна употреба на тинејџерки прекинува сега. (Во оваа нова ера, топ-моделите како шеснаесетгодишната Каја Гербер, ќе мора да почека да го добие своето „Вог“ деби.) Веб-страницата има галерија на која се прикажани сите актерки и модели кои повеќе нема да се појавуваат: „Не е во ред ни за нас ни за нашите читатели, не е во ред ни за младите модели кои се натпреваруваат да се појавуваат на овие страници. Иако не можеме да го преправиме минатото, можеме да се посветиме на подобра иднина“, се наведува во статијата.

Значи, што значи ветувањето на „Вог“ за индустријата? Советот на модни дизајнери на Америка ја поддржува неговата одлука и неговата препорака да ја подигне минималната возраст на моделите.

Пред неколку месеци, како одговор на движењето #MeToo, Конде Наст (издавачот на „Вог“) изготви нов сет на насоки за фотосесии. Прво, тие се согласија дека повеќе нема да работат со двајца од нивните редовни фотографи, Марио Тестино и Брус Вебер, откако тие беа обвинети за сексуално вознемирување од десетици машки асистенти. И покрај зголемувањето на минималната возраст на моделите, тие најавија дека моделите ќе имаат приватни соблекувални на сетовите и „бонуси“ за одобрување на позите и облеката.