Се намалува цената на водата, но сметките повисоки


Жителите на Скопје според предлогот на ЈП „Водовод и канализација“ ќе плаќаат за вода за пиење и отпадни води 28,67 денари за метар кубен, што е за 0,72 денари пониска од сегашната цена, но од годинава во сметката за вода скопјани ќе добијат и дополнителен трошок од 2,04 денари за пречистителни станици за отпадни води на реките Лепенец и Треска.

Почнувајки од 1 јануари 2018 година тарифата на водните услуги се формира на предлог на Регулаторната комисија на Република Македонија.

ЈП „Водовод и канализација“ ја утврдува цената на водата врз основа на тарифата на Регулаторната комисија за енергетика, а усвоениот предлог на претпријатие е најниската понудена.

ЈП „Водовод и канализација“ добила три предлози за корекција на цената на водните услуги од страна на РКЕ и до УО на претпријатието предложила да се прифати најниската тарифа за водата за пиење и трошокот за отпадните води, како и за пречистителните станици.

Управниот одбор ги прифатил предлозите за корекција на цените на седница на 10 јануари 2018 година. Предлогот треба да добие согласност и од Советот на Град Скопје, кој има најавено седница на 31-ви овој месец, а треба да важи за потрошена вода и за отпладни води од 1 јануари 2018 година, но од претпријатието, посочуваат дека процесот на подготовка на сметките за вода за јануари е во тек и оти тие ќе бидат доставени до потрошувачите по старата цена. Новите цени ќе важат откако одлуката ќе стапи во сила.