Се намалува бројот на заболени од грип


Во текот на на изминатата недела (од 26 февруари до 4 март) во Република Македонија се регистрирани 2.781 заболен од грип, што е намалување за 35 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 4.258 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.

Во однос на минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, оваа сезона бројот на заболени во деветтата недела од годинава е зголемен за 18 пати.

Исто како и во претходните недели, во деветтата недела од годинава најголем број заболени – 1.651 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 247,9 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Оваа недела најголем број заболени лица – 544 се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје, а највисока инциденца 680,9 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Кавадарци.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, во пет се регистрира многу висока (ЦЈЗ Струмица, ПЕ Свети Николе и ПЕ Кавадарци) и висока активност. Во останатите центри за јавно здравје/подрачни единици се регистрира од многу ниско до средно ниво на активност на вирусот на грип, додека во три подрачни единици не се регистрирани заболени лица.

Во сезоната 2017/2018 вкупно се пријавени 19.210 случаи, што е за 44 отсто помал споредено со истиот период од минатата сезона (34.481).

 

Се очекува постепено намалување на нивото на активност на вирусот на грип во наредниот период.