Се донираат книги во училишни библиотеки од рурални средини


Повеќе од 1.200 книги од 15 наслови ќе бидат донирани во 39 рурални училишни библиотеки низ Македонија. По повод 2 април, Светскиот ден на литературата за деца и роденденот на Ханс Христијан Андерсен донацијата ја реализира издавачката куќа „Вермилион“ во соработка со Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и здружението „Конект“.

Меѓу донираните книги се и примероци од четирите наслови на „Вермилион“ кои годинава се препорачани од Министерството за образование на Република Македонија како нови предлози за изборни лектири: „Петар Пан во црвено“ од Џералдин Макоркран, „Розата и вепарот“ од Ане Провоуст, „Легендата за Марфи Компирката“ од Овен Колфер, „Златното јаболко и други приказни“ од Христо Петрески и „Тори и принцот змија“ од К. В. Јохансен. За овие книги Вермилион веќе подготвува и дополнителни наставни материјали кои ќе им бидат бесплатно достапни на наставниците за секојдневна употреба во часовите по литература.

Училишните библиотеки во селата Булачани, Драгобраште, Подгорци, Подмочани, Долнени, како и од Демир Хисар и Валандово се само дел од библиотеките кои беа збогатени со литература за деца на возраст од 9-14 години. Акцијата за дистрибуција на книги продолжува и во текот на месеците април и мај.