Се бараат директори за 27 установи од културата


Министерството за култура вчера ги објави конкурсите за директори на 27 национални установи во повеќе градови низ Македонија. Се бараат директори на три театри, осум центри за култура, шест музеи, три универзитетски библиотеки, за двата конзерваторски центри во Скопје и во Гостивар, како и за директор на Кинотеката на Македонија, Струшки вечери на поезијата, Охридско лето, Спомен-куќата на Мајка Тереза и за Ансамблот на албански ора и песни.

Конкурсите се однесуваат и на Македонскиот народен театар, Драмски и „Театар Комедија“.

Неодамна, претседателот на Управниот одбор при МНТ, режисерот Александар Поповски, поднесувајќи си оставка, укажа на тоа дека потребно е итно да се распише оглас за директор на театарот за да може да се решат наталожените проблеми во установата.

„Речиси една година откако е формиран овој Управен одбор, уште нема ниту блага назнака за тоа кога би се распишал конкурс за нов директор. Ова нè става во ситуација кога почнуваме да спасуваме сезона по сезона без да се воспостави јасна визија што сакаме со оваа куќа која треба да биде огледало, носител и пример на драмската уметност во земјата. Една сезона е зад нас и мислам дека е недозволиво уште една сезона да помине со недефинирана мисла и програма“, укажа режисерот Поповски пред помалку од еден месец и додаде дека заедно со в.д. директорката на МНТ, Симона Угриновска, заедно се обидуваат, но залудно, да направат нешто за подобро функционирање на театарот.

Распишаните конкурси за директори на националните установи – центри за култура се однесуваа на Крива Паланка, Делчево, Дебар, Кичево, Охрид, Велес, Штип и Струга.

Од областа на музејската дејност директорите се бараат во Археолошките музеј, Природонаучниот музеј и музеите во Струмица, Битола, Струга и Штип.

Конкурс за директори се распишани и за универзитетските библиотеки во Скопје, Битола и Штип.

По неуспешните обиди во 2016 година да се назначи директор на Струшките вечери на поезијата, истечениот мандат уште две години го продолжи Мите Стефоски. Тој веројатно ќе биде на чело и на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата кое се одржува во август, бидејќи подготовките се во полн ек, а наскоро се очекува да ја соопштат и деталната програма и гостите.

Од Министерството за култура за „Независен весник“ велат дека согласно Законот за култура, Министерството распишува јавни огласи за избор на директори за оние национални установи во кои или е разрешен директорот, или му е истечен мандатот и е назначен в.д. директор.

„Во период од шест месеци, Министерството за култура е должно да распише оглас за избор на директор, и во зависност од исполнувањето на условите предвидени со огласот, министерот за култура одлучува за избор или за неизвршување на избор на директор. Во овој период, од јануари досега, согласно измените на Законот за култура националните установи мораа да ги усогласат своите статути согласно измените кои се однесуваа на условите за избор на директор. Онаму каде што се извршени измените, Министерството за култура објавува оглас“, се вели во одговорот на Министерството и додаваат дека досега се распишани вкупно 47 огласи.

Согласно законот, се води сметка за мандатите на в.д. директорите, и каде што има услови се распишува оглас за редовен мандат, а каде што сè уште не се извршени измените се продолжува мандатот на в.д. директорот.

Кандидатите е потребно да бидат државјани на Македонија и во моментот на избирање со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција. Потребно е да го исполнуваат условот за завршено високо образование со најмалку 240 кредити по ЕКТС. Исто така, потребно е да имаат еден од меѓународните признаени сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик, не постар од пет години.

Понатаму, апликантите потребно е да докажат дека имаат минимум пет години работен стаж во областа на културата или пет години работно искуство на проекти во областа на културата врз основа на склучени договори на дело.

Ивана Настеска