СЕММ бара МНР да го расчисти случајот со заканите кон новинарот на ТВ21


Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудува однесувањето на претставникот на МНР кој на вчерашната прес – конференција на посредникот Метју Нимиц се обидел да спречи новинар на ТВ21 да постави прашање, како и заканите што следувале подоцна за одземање на неговата акредитација.

„За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било закани и притисоци. Советот за етика го повикува МНР да ги преземе неопходните мерки за да го расчисти случајот и да спречи повторување на ваквите инциденти. Упатувањето какви било закани кон новинарите од страна на институциите не смее да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста“, велат од таму.

Од СЕММ потсетуваат дека во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, безбедноста на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување.