Селмани: Не е првпат да ми се закануваат од ДУИ


Нападите и заканите кон новинарите бараат секавична и брза реакција од институциите, зашто во спротивно забошотувањето е полошо од самиот инцидент. Вака новинарската фела го оценува најновиот испад на Бејтула Асани, кој му се заканил на претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, затоа што констатирал дека правната држава потклекнала пред еден силеџија, по наводно вербалниот напад на Бекир Асани на полицајката, која исто така се повредила наводно самата од возилото на пајак-службата. Осуди за инцидентот пристигнуваат од сите страни, а со случајот сега се занимава Основното јавно обвинителство.

„Не е првпат да добијам закани и да бидам провоциран од луѓе на ДУИ. Не ги објавив јавно заканите затоа што не сакав во ниту еден момент силеџиите да помислат дека навистина им се плашам. Ги пријавувам заканите во полиција чисто да оставам трага ако некој од силеџиите на ДУИ се обиде да ги реализира. Сакам да им се заблагодарам на моите колеги за солидарноста што ја покажаа со мене. Ги уверам дека ЗНМ, без разлика на заканите и уцените што се упатуваат кон мене, нема да се откаже од нашата заедничка мисија, слободата на говорот во Македонија да биде дел од нашите животи, а не само мртво слово во Уставот. Го ценам професионален однос на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на полицајците што постапуваа во овој случај, но тоа не можам да го кажам и за обвинителката Спасенка, која не можеше да препознае очигледна закана по мојот живот“, вели Селмани.

Тој му се заблагодари на специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир и на целиот дипломатски кор во Скопје, кој силно застана во одбрана на слободата на говорот во Македонија.

„Бев информиран дека овој инцидент го третираат многу сериозно во европски контекст по кукавичкото убиство на мои колеги во Малта и Словачка. Силно верувам дека македонските граѓани се сплотени во одбрана на европските вредности кои се нападнати од одредени политички маргиналци и силеџии“, смета првиот човек на ЗНМ.

Напоменувајќи дека најостро ги осудува нападите врз новинарите, затоа што тоа е напад врз јавноста, Ерол Ризаов вели дека на новинарите треба да се гледа како на луѓе што си ја вршат својата работа.

„Тоа се случува насекаде во светот, дури и во најразвиените земји. И не е оправдување. Во моментов имаме подобрување во однос на условите за новинарите, тие сега не се осудувани на затворски или на драконски казни од 15 или 20.000 евра, но ситуацијата воопшто не треба да се идеализира. Кога зборуваме конкретно за последните случаи во нашата земја, реакцијата на надлежните мора да биде секавична и брза. Кога имаме напад или закана кон новинар, работата треба бргу да се расчисти. Одолговлекувањето нанесува уште поголема штета отколку самиот инцидент, зашто тој е можен, се случува, може да се предизвика и да се направи, ама забошотувањето е рамно на соучесништво. Уште повеќе што зборуваме за силеџија кој јавно му се заканува на новинар, во случајов и претседател на ЗНМ и тоа мора веднаш да се санкционира. Ако не се случи тоа, тогаш можеме да зборуваме за спрега меѓу улицата и институциите“, ни изјави Ризаов.

Тој посочува дека недостига и моралниот момент кај политичките партии, кои треба итно да се оградат и да ги изолираат своите членови што предизвикуваат вакви инциденти, но тоа не го прават, напротив, ги штитат.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски ги повика сите надлежни институции да го истражат случајот во врска со пријавата за закана врз претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

„Потенцираме дека Владата на Република Македонија е цврсто определена кон почитување на слободата на изразување, професионално и објективно работење на новинарите, без политичко влијание или какви било притисоци“, се вели во соопштението од Кабинетот на министерот Поповски.

Осуда за инцидентот стигна и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од каде што велат дека заканите и нападите врз новинарите се апсолутно неприфатливи и претставуваат поткопување на демократијата и на правото на јавноста за објективно и професионално информирање.

„Ваквите појави придонесуваат за слабеење на слободата на медиумите и на нивната способност за слободно и независно известување. Апелираме да им се овозможи на новинарите непречено да ја вршат својата работа, ослободени од какви било закани и притисоци“, соопштија од Агенцијата.

Од ЗНМ велат дека македонските новинари работат во небезбедни услови, се соочуваат со физички напади и киднапирања, се повикуваат на јавен линч, мета се на закани. Само минатата година регистрирани се 18 нови напади на новинари, од кои 13 физички и пет вербални закани. Тука влегуваат и инцидентите од 27 април и насилното влегување во парламентот. Ниту еден случај не е расчистен. Во периодот од 2014 до 2017 година пријавени се 67 напади врз новинари во Македонија. Истражувањата на ЗНМ покажуваат дека покрај тоа, новинарите работат под исклучително лоши економски услови, имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување.

„Правната држава клекна пред еден силеџија, поддржан од ДУИ. Владата должи објаснување, кој врши притисок врз полицајката Јасмина Јаначковска да ја смени изјавата за инцидентот кај ‘Мавровка’. Ако не ја заштитиме Јасмина, Македонија ќе биде држава на силеџии како Беќир Асани! Брука!“, гласеше статусот на Фејсбук што Селмани го објави минатиот петок. Дваесетина часа, подоцна, во сандачето на Фејсбук доби порака од Бејтула Асани дека ќе плати за тоа што го напишал.

Бекир Асани помина само со прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир. На социјалните мрежи и вчера не стивнуваа реакциите по случајот. По повод 8 Март, се споделуваше илустрација во која Асани го честита Денот на жената со цвеќе „спакувано“ во возило на пајак-службата.

Горан Адамовски