Селектирани најдобрите филмови од конкурсот на Агенцијата за филм
Три долгометражни играни филмови, пет долгометражни копродукциски проекти со македонски малцински удел, два документарни долгометражни филмови, пет краткометражни играни филмови, и по еден краткометражен документарен и анимиран филм, го поминаа целиот процес на проценка на конкурсот за поддршка на филмски проекти на Агенцијата за филм на Република Македонија.
Како што соопштија од Агенцијата, на Конкурсот објавен на 22 ноември минатата година, пристигнале вкупно 73 филмски проекти, меѓу кои 48 долгометражни и 25 краткометражни филмови. При процесот на административна селекција 12 проекти по различни основи не ги исполнувале условите за да влезат во процесот на евалуација. Меѓу насловите што ја добиле поддршката има веќе проверени режисерски и продуцентски имиња, но и дебитанти што се позитивно изненадување за македонската кинематографија.
Останатите проекти, појаснуваат од Агенцијата за филм, биле евалуирани низ процесот пропишан со Правилникот и врз основа на бодувањето односно освојувањето на минимумот пред професионалните рецензенти не поминале 26 апликации, вклучувајќи долгометражни и краткометражни играни, документарни и анимирани филмови.
– Во насока на подобрување на квалитетот и успехот на македонската кинематографија, меѓу авторите и продуцентите се забележува продуктивен креативен потенцијал, доминираат современи теми кои можат да бидат препознатливи и допадливи и на домашната и на светската публика. Нагласените историски и локални теми кои го забавија развојот на нашата кинематографија, овој пат не беа премногу застапени и евидентно авторите секој според својот афинитет и сензибилитет, слободно се изразува и осмислува сценарија што можат да комуницираат со европската и светската публика, посочуваат од Агенцијата.
Кон крајот на месецов, информираат дека ќе биде отворен следниот конкурс на кој ќе можат да конкурираат и проектите кои отпаднале оти, велат, има и такви кои ја заслужуваат шансата да снимаат.
Насловите бк/ на филмските проекти кои се поддржани можат да се најдат на следниот линк од официјална страна http://www.filmfund.gov.mk/