Села го осуди ослободувањето на Илиќ


Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села на денешната прес-конференција го осуди актот на пуштање на слобода на Бобан Илиќ, кој беше обвинет за смртта на четиригодишниот Алмир од Куманово.

Села побара од министерот за правда веднаш да превземе дејствија во правец на враќање на Илиќ во затвор или во спротивно да си поднесе оставка.

– Апелирам до сите структури и до министерот за правда, веднаш да преземат дејствија или во спротивно да даде оставка како единствен и последен морален чин. Не ни требаат јавни писма од обвинителите за тоа што правеле или како биле настроени, имаме потреба истите веднаш да покренат постапка за затворање на убиецот, кој веднаш по пуштање од затвор, му се закани по животот на еден новинар. Тие ова треба да го сторат не по етничка линија, туку како морален чин и предводени од почитување на правото и ако навистина веруваат во правдата на оваа држава и со тоа Бобан Илиќ повторно да се врати каде што му е местото, во затвор, рече Села.

Обвинителите, додаде Села, тоа треба да го сторат „за сите наши Алмири, кои ги имаме дома и за кој треба да создадеме иднина“.

Села на денешната прес-конференција ја обвини Владата, за која рече дека „сменети се само имиња, но не и курсот на работата во насока на воспоставување правна пржава“.