Сезона на бунди: Ги сакаат и жртвите на модата и иконите на стилот
Бундата ја сакаат и жени и мажи. Анонимни и славни. Жртви на модата и икони на стилот. За греење во студените денови, за фалење на јавните настани, или за оставање во наследство. Раскажува за статусот, куповната моќ, за желбите или за комплексите. Се носи на погрешно место, во вистинско време или на право место, во погрешно време. Иритира меѓу сиромашните, предизвикува завист меѓу богатите. Некој ги избегнува поради озборување и лутење, други пак ги носат токму заради озборување и лутење. Со текот на годините, од пријател, може да ви стане непријател. Може да биде кратка или долга.
Природна или еколошка. Тешка или лесна. Заработена или подарена. Се носи на голо тело, врз свечена тоалета, венчаница, костум или врз кежуал-облека. Бундата не го прави мажот господин, ниту жената дама. Не е сѐ во изгледот, има нешто и во потеклото, манирите, образованието и однесувањето.
„Како еден од трендовите оваа зима е крзното. Секако „не“ како што го носеле нашите баби и мајки, туку на еден нов начин, во диви бои, инвентивно сечење и модерни линии. Преку ден во обоена зелена бунда во комбинација со маица Мики Маус и тексас-здолниште кај Долче и Габана, за коктел-часови како кратко палтенце, комбинирано со твид, со многу штрасови и брошови ‘Сваровски’, најчесто со крива линија Баленсијага, на сандали, чевли, чизми, на прерамки кај Валентино. Елеци кај Кавали, околувратници кај Прада, дури и долги бунди кои лично ги сметам за грев. Помал или поголем грев, мораме да признаеме дека сите ги посакуваме и барем еден мал детаљ ќе ставиме на себе од природно или еколошко крзно оваа зима, вели модната креаторка и уметница Лиле Корубин.
„Ги сакам животните, и жал ми е кога ги убиваат за ние жените да изгледаме убаво. Ама за тие работи треба да мислат убијците, а не ние, купувачите како краен консумент. Крзното е дискутабилно, колку и кожата на чевлите. Секоја жена сонува во својот орман да поседува бунда. Од вистинско крзно. Во мојот орман немам класична, долга бунда, туку кратки или капути со додатоци на крзно. Ги имам пет-шест“, вели манекенката и бизнисменка, Натали Глушац.
Лејла Сабит