Сегрегираното образование бара итно решение


Во земјава постојат високи нивоа на дискриминација кои резултираат со сегрегирано образование или, пак, изолираност на лицата со попреченост во семејството. На дебатата на оваа тема во Владата беше посочено дека со досегашните реформи нивното вклучување во образованието се решавало изолирано, во рамките на еден сектор, што не е доволно. Учесниците потенцираа дека е потребно да се обезбеди универзална пристапност до сите образовни простории за лицата со попреченост и веднаш да се спроведе забрана за нивно исклучување од редовните училишта.

Специјалистот за инклузивно образование на УНИЦЕФ, Нора Шабани, забележа дека сè уште има предрасуди и ограничени можности за учење за овие деца. Децата со попреченост, додаде таа, се најисклучена група во светот, особено во Европа и Централна Азија. Според пресметката на СЗО, во светот има 5,1 милиони лица со попреченост, а само 1,6 милион од нив се регистрирани. Специјални училишта посетуваат 14,5 отсто од регистрираните 1,6 милион. Во половина од земјите помалку од еден отсто од овие деца посетуваат редовни основни училишта, а особено се исклучени девојчиња со попреченост. На ниво на предучилишното образование исклученоста е многу голема.

„УНИЦЕФ мереше како се менуваат општествените норми во однос на првичната состојба и забележа дека има подобрување, прифаќање и толеранција кон лицата со попреченост, но постои недоволно разбирање на инклузијата. Насекаде тргнаа тие процеси, но нема насоки и ресурси на располагање на министерствата. Не е инклузивно образование децата да одат во специјално училиште или во специјални паралелки, како и да се обезбеди пристап на децата во редовните паралелки, а да не ги направите неопходните промени“, рече Шабани.

Лидија Крстевска-Дојчиновска, член на националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, смета дека во Законот за основно образование неопходно е да се промовира инклузивното образование и вклучување на попреченоста како основа за дискриминација.

„Потребно е да се обезбеди инклузивно образование за лицата со попреченост на сите нивоа, вклучително и во високообразовните институции. Поддршка, ресурси, квалификувана обука за наставниците и помошниот персонал, да се поттикне инклузијата на учениците со интелектуална попреченост и учениците со психо-социјални пречки“, рече Крстевска-Дојчиновска.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми истакна дека во новите законски решенија што се подготвуваат сериозно внимание се посветува на лицата со попреченост. Во Законот за основно образование се предвидува на ниво на паралелка во редовно основно училиште да бидат запишани најмногу до двајца ученици со посебни образовни потреби. За нив се предвидени образовни асистенти, стручно оспособени лица кои ќе имаат задача да им помогнат при совладување на наставниот материјал и секојдневните училишни обврски и да ја подигнат свесноста на другите ученици за потребите на децата со попреченост.

Заменик-претставник на УНИЦЕФ, Елспет Ериксон, рече дека и натаму е потребно подигнување на јавната свест, иако е постигнат напредок. Претходно, само четири отсто од родителите, рече, сметале дека деца со попреченост треба да учат заедно со нивните деца, а сега тој процент е шесткратно зголемен и 24 отсто од нив имаат позитивен став за ова прашање.

 

Вероника Мароска-Леова