СДСМ: Иванов е заробен во политиките на раздор


 

Со непотпишувањето на Указот за Законот за употреба на јазиците, Ѓорге Иванов повторно покажува дека не поседува капацитет да излезе од политиките на поделби и раздор во коишто е заробен со години и коишто ги промовира во секој негов јавен настап. Очигледно е, Иванов не знае да ги препознае европските вредности, сметаат во СДСМ.

„На овој начин Иванов дејствува против концептот на едно општество за сите, концепт на којшто граѓаните му дадоа силна поддршка на последните неколку изборни циклуси. Со таквото дејствување, Иванов работи на штета на државните и на интересите на граѓаните. Во периодот кога државата прави крупни чекори кон обединувањето на граѓаните околу стратешките цели, враќање на демократските вредности и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, Иванов продолжува со промоција на политиките на изолација, работи на раздор и поделби помеѓу граѓаните“, соопштија од партијата.

Од СДСМ велат дека Законот за употреба на јазиците целосно е во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години и со неговото усвојување не губи никој, туку добиваат сите.