Свршеникот на принцезата Евгенија нема да добие кралска титула
Англија– Свршеникот на принцезата Евгенија, ќерката на принцот Ендрју, (братот на принц Чарлс) и на Сара Фергусон, војвотката од Јорк, Џек Брусбенк нема да добие кралска титула по свадбата закажана за 12 октомври во замокот Виндзор. Евгенија која е деветта во редот за наследство на кралската круна, ќе си остане принцеза а свршеникот ќе го ословуваат како г-дин Брусбенк.
Кралското семејство, значи, се подготвува за уште кралска свадба која не е по ќеф на кралицата Елизабета Втора. Новиот зет нема сина крв и е ексменаџер на ноќен клуб и портпарол во компанијата „Казамигос“ која претходно беше во сопствеништво на оскаровецот Џорџ Клуни и Ренди Гербер, сопругот на топ-моделот Синди Крафорд.
Свадбената церемонија ќе се одржи во капелата Сен Џорџ во замокот Виндзор, каде претходно се венчаа принот Хари и Меган Маркл. Свршеничкиот прстен на принцезата Евгенија е со розев сафир сличен како што во 1986 година носеше мајка и Сара Фергусон.
Џек ја побарал Евгенија за жена во јануари за време на патувањето во Никарагва. Двојката е седум години во врска. Се очекува на свадбата принцезата Евгенија да ја носи тијарата Јорк што ја носеше на свадбата и нејзината мајка, војвотката од Јорк.
Свадбата ќе има јавен карактер и се поканети 1200 гости.Принцот Ендрју и војвотката од Јорк се разведоа во 1996 година. Евгенија има и сестра Беатрис, шеста во редот за наследство.