Светска банка: Жените остваруваат само три четвртини од законските права кои ги имаат мажите
Според најновиот индекс, кој денеска го објави Светска банка, жените ширум светот остваруваат само три четвртини од законските права кои ги имаат мажите, што ја ограничува нивната можност да добијат или да почнат работа и да носат економски одлуки кои се најдобри за нив и за нивните семејства.
– Кога жените би имале еднакви можности да го достигнат својот целосен потенцијал, светот би бил не само поправичен, туку и попросперитетен, изјави привремената претседателка на Групацијата Светска банка Кристалина Георгиева.
– Од клучно значење е да ги отстраниме бариерите кои ги попречуваат жените, а целта со овој извештај е да покажеме дека реформи се можни и да ја забрзаме промената, истакна Георгиева.Со студијата се опфаќа период од 10 години, а Индексот опфаќа 187 земји, бодувани по осум индикатори.
Листата ја предводат Белгија, данска, Франција, Летонија, Луксембург и Шведска, кои сега имаат по 100 бодови. Тоа значи дека во тие земји мажите и жените имаат еднакви права во мерените области. Пред една деценија ниту една земја немаше 100 бода.Според Индексот, Северна Македонија има 88,13 бодови. Во регионот, најдобро рангирана земја е Грција (97,50), потоа Србија (96,88), Хрватска (94,38), Бугарија (93,75), Косово (91,88), Албанија (91,25), Босна и Херцеговина (88,13) и Турција (79,38). Најлошо рангирана е Саудиска Арабија (25,63), пред која се и Обединетите Арапски Емирати и Судан со (29,38 бода).