Сашко Коцев: Театарот не смее да се претвори во политика
Политичката состојба можеби токму сега го има најсилното влијание, па затоа политиката може да биде театар со своите бројни заткулисни игри. Но театарот не смее да се претвори во политика. Нашата игра е отворена, истакнува актерот Сашко Коцев кој оваа година е автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот 27 Март.
Во услови на исклучително загадена духовна средина, пишува Коцев во пораката, кога тривијалноста на примитивен начин агресивно се промовира како културна вредност и кога преку разни риалити шоуа и технички помагала бесмисленото ѕиркање во туѓите уште побесмислени животи стана секојдневие, неопходно е како никогаш досега да си поставиме прашања.
Прашувајќи дали е доволен досегашниот театарски пристап во однос на девијациите во реалноста и колкава е моќта на театарот, каде треба тој да цели и кој е неговиот краен дострел, Коцев истакнува: „Како што се тврди дека патриотизмот е последното прибежиште на ништожниците, тогаш одговорно тврдам дека хиперболизирањето на значењето на театарот, односно неговото непотребно мистифицирање или патетизирање е последното прибежиште на неталентираните“.
– Токму затоа сметам дека е нужно потребна негова демистификација. Светскиот ден на театарот е одличен повод токму ние, театарските дејци, да ги симнеме маските ставени на нашите лица и да проговориме за вистината. Да се навратиме, да се потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои нѐ натерале да се бавиме со оваа професија. Да го замениме стремежот кон конформизам и благосостојба, кои во принцип значат креативна смрт за уметникот, со несебична борба за промена од моменталниот културен стриптиз во создавање здрава културна матрица, наведува во пораката популарниот македонски актер и стендап-комичар.
Според него, на театарот му недостига и театарска критика која ќе биде без никаква заднина и која, вели, ќе нѐ натера да ја кренеме летвичката погоре, да изнудиме повеќе од себе.
– Критика која нема да ни дозволи да потклекнеме на барањата на публиката. Токму на Светскиот ден на театарот, неопходно е сите да се прашаме – имаме ли потреба да манипулираме со светоста на оваа професија кога таа има моќ да ни ја даде најнепроценливата овоземна илузија, смислата на нашето постоење, истакнува Коцев во македонската порака по повод Меѓународниот ден на театарот.
Македонската порака утревечер ќе биде прочитана во сите театри во Македонија заедно со светската порака која оваа година не е само една, туку пет – напишани од автори од пет континенти: Сабина Берман од Мексико (писател, драмски автор, новинар), Сајмон МекБарни од Велика Британија (театарски и филмски режисер), Маја Збиб од Либан (театарска режисерка, изведувач, писателка, коосновач на театарската куќа „Зукак“), Рам Гопал Баџаџ од Индија (театарски режисер, театарски и филмски актер, академик, поранешен директор на Националната драмска школа, Делхи) и Вере Вере Лајкинг од Брегот на Слоновата Коска (мултидисциплинарен уметник).
Оваа година е јубилејна за меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт-ИТИ УНЕСКО. Мрежата слави седумдесет години постоење (1948-2018) и по тој повод регионалните центри на ИТИ организираа повелби за пет заслужни театарски уметници од светот.