Саудиска Арабија подготвува извештај во кој ќе признае за убиство на Кашоги


САД – Саудиска Арабија подготвува извештај во кој ќе признае дека исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги по грешка е убиен за време на информативен разговор во Конзулатот на таа држава во Истанбул, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на извори.

Според медиумот, во извештајот се вели дека смртта на Кашоги е резултат на „испрашување што тргнало наопаку“, а чија цел требало да биде негово киднапирање од Турција.

Според еден извор, во извештајот ќе се заклучи дека операцијата е изведена без официјална дозвола и дека вмешаните ќе сносат одговорност.

Но, еден од изворите вели дека извештајот се уште се подготвува и можни се промени.

Кашоги, новинар на Вашингтон пост исчезна откако на 2 октомври влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул по документи кои му биле потребни за женидба.