Само Царината и УЈП чекаат 15 милиони евра од ЕУ


Во Управата за јавни приходи (УЈП) во тек е проект што треба да го зајакне ИТ-системот за да може да ги задоволи зголемените барања од даночната администрација. Финансиран е од Европската Унија со 299.766 евра. Последниве три години УЈП спровела седум проекти кои ги финансирала ЕУ со вкупно 1,5 милион евра. Овие пари на даночните обврзници од европските држави завршиле во Македонија како помош за земјата да ги исполни планираните реформи потребни да стане членка на ЕУ. Даночната управа со нив го подобрила квалитетот на даночните услуги преку воспоставување на методи и алатки за ефективно информирање и комуникација. Реновиран е контакт-центарот на УЈП, обезбеден е канцелариски мебел и нов интегриран ИТ-систем за повикувачкиот центар.

Во рамки на ИПА 2 инструментот за претпристапна помош, за идниот период во план е УЈП да добие дополнителни 6,4 милиони евра, за поддршка на даночните реформи.

За проекти на Царинската управа кои се завршени или се во тек, од ЕУ-фондовите биле алоцирани 14,7 милиони евра. За наредниот период Царината ќе користи 1,5 милион евра за проектот за реконструкција на објектите за царинење и инспекција на граничниот премин „Ќафасан“, 1,6 милион евра за твининг-проектот за јакнење на капацитетите на царинската администрација, 3,5 милиони евра преку проектот за подобрување на квалитетот на царинските процедури. Заедно со уште неколку поситни проекти, за идните проекти царинската управа планира помошта на ЕУ да изнесува 8,2 милиони евра.

„Доколку на овие средства се додадат и парите што се добиваат преку конкретни програми на ЕУ кои се однесуваат на Царината и Управата за јавни приходи, тогаш помошта се удвојува. Вработените редовно учествуваат на семинари, обуки, конференции, работилници што ги плаќа ЕУ. За каков било технички проблем ЕУ помага преку инструментот за техничка помош и размена на информации (TAIEX) кој е инструмент за брза помош. Тоа се немерливи пренесени искуства“, велат од Царинската управа.

Претседателот на Советот на странски инвеститори Штефан Петер во вторникот укажа дека Македонија ќе изгуби една милијарда вредни грантови  доколку заради негативен референдум не го продолжи својот пат кон ЕУ.

Преку финансиската асистенција под ИПА 2 инструментот (2014-2020), ЕУ ќе алоцира 664,2 милиони евра, од кои 205,9 милиони евра за реформи за подготовка за членство, 298,8 милиони евра за општествено-економски и регионален развој, 53,2 милиони евра за социјална политика, вработување, родова еднаквост и развој на човечки ресурси како и 106,3 милиони евра за земјоделство и рурален развој. (А.С.)