Само во Берово, Пехчево и во Крива Паланка нема грип


Во четири града во државата нема ниту еден заболен од грип, наспроти сите останати каде што бројот на „грипосани“ се удвои за само една недела, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Болни нема во Берово, Пехчево, Крива Паланка и во Валандово. Од друга страна се Дебар, Кратово, Ресен, Кавадарци и Македонски Брод, каде што грипот буквално „коси“, односно е регистрирана многу висока активност.

Според ИЈЗ, во текот на минатата недела (од 5 февруари до 11 февруари) се регистрирани 2.964 заболени од грип, што е зголемување за 48 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 2.001 заболен. Најголем број заболени – 1.650 се пријавени во најголемата возрасна група од 15 години до 64 години. Кај децата на возраст од 5 до 14 години има 327 случаи на 100.000 жители.

– Регистрираната инциденца од заболувања слични на грип е над неделната граница на сезонска активност, а се регистрира и широка географска распространетост. Исто така, се зголемува и процентот на позитивно тестирани примероци од вирусолошкиот надзор (слично како и во останатите земји во Европа), кој е особено висок во изминатата недела, што сѐ заедно укажува дека сме во ек на сезоната на грип – велат од Институтот за јавно здравје.

Се очекува „пикот“ на сезоната да биде во следните недели.

Вкупно досега, од грип заболеа 8.443 лица. Овој број е за четири пати помал во споредба со истиот период минатата година, кога имало 33.883 заболени. Грипот почна да се шири од јануари, за во првите две недели од февруари драстично да се зголеми бројот на заболени.
Грипот е заразно заболување кое се шири директно од човек на човек, главно преку ситните капки кои ги исфрла заразениот човек при кашлање и кивање, или индиректно преку контакт со заболен човек, со површините што ги допирал или со предметите со кои се служел. Симптомите на заболувањето се јавуваат од еден до четири дена откако вирусот навлегол во телото. Најголем дел од лицата може да го пренесат вирусот на друго лице еден ден пред да се појават симптомите и од пет до седум дена откако болеста се манифестирала. Ова значи дека човек може да го пренесе вирусот пред да знае дека е инфициран.

Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа малаксаност, истоштеност, болки во мускулите и зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите, течење од носот или кашлица. Се лекува така што болниот треба да мирува, да зема повеќе течности, овошје и зеленчук богати со витамини. Вакцината против грип е најдобра превентивна мерка. Особено се препорачува за лицата постари од 65 години, лица со хронични болести и состојби на намален имунитет, како и кај децата помали од 2 години. Вакцинацијата против грип не е 100% гаранција дека вакцинираното лице нема да се разболи од грип, но дури и да добие грип, тој ќе биде во поблага форма, а ризикот од компликации значително намален.