Самостојна изложба на Шќипе Мехмети во Софија


Во Културно информативниот центар на Македонија во Софија ќе биде поставена изложба на нашата уметница Шќипе Мехмети со наслов „Женска фрагилност и/ или моќ“.

Изложбата ќе биде отворена на 12 април во 18:30 часот, а ќе бидат претставени дваесетина дела, изработени во графичката техника сува игла.

„Жената и женскиот принцип, нејзината нежност, сензуалност, чувственост, сексуалност, моќ на ранета лавица од една страна наспроти нејзината фрагилност, кршливост, злоупотреба, болка се главните два аспекти кои како крајни параметри со сите варијации помеѓу ги истражува младата графичарка Шкипе Мехмети во најновите графички дела насловени како серија „Фрагилност“…Графиките на Шќипе, кои се изведени во неколку графички техники како сува игла, бакропис, комбинирана техника или пак само молив на хартија… се занимаваат со фигурација и тоа од презентативен вид, во кои има наративен и описен пристап. Во нив има реалистички претстави или детали, јасно препознатливи и асоцијативни. Жанровски тие се движат од стриповски прикази, до апстрактно-асоцијативни решенија, во кои постои одлична графичка подготовка на предлошката…“ (Ана Франговска)

Шќипе Мехмети е родена во 1981 година во Кичево. Во 2004 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 2007 година магистрирала на отсек графика на истиот факултет. Од 2000 учествувала на повеќе од 70 групни изложби во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Хрватска, Италија, Шпанија, Турција, Египет, Чешка, Литванија и Франција. Реализирала е 20 самостојни изложби во Р. Македонија, Косово, Србија, Шведска, Германија, Франција и САД. Живее и работи во Скопје.