Саемот на книгата годинава ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“
Годинешното јубилејно 30. издание на Саемот на книгата ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“, велат од Министерството за култура за „Независен весник“.
– Нема да дозволиме изумирање на читателската култура, ќе им помогнеме на издавачите и љубителите на книгата. Саемот за книга годинава ќе се одржи во салата Борис Трајковски, за што Министерството за култура веќе разговараше со раководството, кај кое постои големо расположение да им се излезе во пресрет на издавачите и љубителите на книгата и саемот годинава сепак да се одржи во нашата најголема сала, која нуди мултифункционални простории и може да се адаптира на манифестацијата – велат од министерството.
Тие во наредните денови ќе организираат повеќе средби со организаторите и здруженијата на издавачи за поконретните аспекти на организирање на Саемот и обезбедување на потребната поддршка.
– Додека не се премости проблемот со обезбедување на саемски простор во градот, Министерството ќе продолжи да создава услови во континуитет, за оваа значајна манифестација да продолжи да се одржува, да се развива и да ги задоволува културните потреби на нашите граѓани – велат од министерство.
„Независен весник“ во денешниот број пишуваше дека неизвесна е судбината на годинешното издание на Саемот на книгата.
И.Настеска