САД изразува загриженост поради изборни нерегуларности во БиХ
САД изразија загриженост во врска со изборните нерегуларности во Босна и Херцеговина и ги повикаа институциите на земјава да ги отсранат недостатоците на изборниот процес на кои укажаа набљудувачите на ОБСЕ.
– Очекуваме од сите учесници и граѓани да ги предадат своите жалби на воспоставените правни служби и ги охрабруваме сите политички лидери да бидат великодушни во победата и достоинствени во поразот, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Во соопштението се додава дека САД ја споделуваат загриженоста во врска со изборниот процес изразена од страна на набљудувачката мисија на ОБСЕ, меѓународните тимови за набљудување и локалните невладини организации.
– Тоа вклучува загриженост во однос на точноста на избирачките списоци, непристрасноста на изборните набљудувачи, еднаков пристап до медиумите и злоупотреба на јавните средства, наведува Стејт департментот.
САД притоа изразуваат пофалби до граѓаните на Босна и Херцеговина за нивното учество на изборите на 7 октомври.
– Двете земји одржуваат трајно пријателство и остануваме посветени на целта за стабилна и просперитетна Босна и Херцеговина. САД остануваат посветени на партнерството со граѓаните и Владата на БиХ додека работат на сеопфатни изборни, политички, социјални и економски реформи, се наведува во соопштението на Стејт департментот.