Рудникот „Саса“ покрена судска постапка против МЕСО и нивниот огранок во Македонска Каменица


Рудникот „Саса“ денеска соопшти дека е покрената судска постапка против Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО) и рударската синдикална организација во Македонска Каменица.

Од надлежниот суд е побарано да донесе пресуда и времена мерка со која ќе ѝ забрани на оваа организација да доставува барања до компанијата и да организира какви било штрајкови и протести бидејќи според нив оваа новоформирана синдикална организација е нелегитимна.

– Од неодамна во јавноста се појави нова организација која е дел од Мултиетничкиот синдикат на образованието – МЕСО, која нелигитимно се претставува дека има членови во рудникот САСА. Имено, лицето Сашо Јованов кое се претставува како претседател на новата синдикална организација не е вработено во рудникот САСА, а дополнително новата организација не достави никакви докази во форма на писмени изјави и платена членарина за ниту еден вработен во САСА, иако според законот тоа е единствениот начин да докаже дека е репрезентативен синдикат во компанијата, се вели во соопштението.

Од компанијата посочуваат дека во „САСА“ постои репрезентативен синдикат, кој е дел од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството – СИЕР, со кого е преговарано и е потпишан колективен договор. Во тек се и преговори меѓу раководството на рудникот и синдикатот на СИЕР за ново зголемување на платите во текот на годинава и дополнителни бенифиции за вработените во Саса.

Во однос на барањата на рударската синдикална организација која за среда најави штрајк, од рудникот „Саса“ нагласуваат дека 500 дена немаат никаква повреда на работното место што покажува колку новите сопственици на рудникот се посветени на безбедноста и заштитата при работа.

– Исто така, платите на вработените во САСА се двојно поголеми од просечните плати во земјата, а последното нивно покачување беше направено во февруари оваа година. Новите сопственици на САСА – компанијата Центар Азија Металс од Лондон, неодамна јавно се обврзаа дека ќе продолжат да вложуваат во развојот на рудникот и во стабилноста на работните места на сите вработени, се наведува во соопштението.