„Рубау“ бара дополнителен рок за изградба на експресниот пат Градско-Прилеп


Дополнителен рок за изградба на експресниот пат Градско-Прилеп побарале претставници на изведувачот на градежните работи шпанска „Рубау“ денеска на средба со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.

На средбата, соопшти Министерството з атранспорт, се разговарало за интензивирање на активностите за изградба на експресниот пат Градско-Прилеп и надминување на состојбите затекнати во тек на изградбата, како експропријација, легализација и појава на археолошки наоѓалишта.

Како едно од решенијата за квалитетна изградба на овој патен правец, од страна на изведувачот е предложен нов рок за изградба, за што Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта дополнително ќе се произнесат.

– На состанокот ги разгледавме причините поради кои се доцни со реализација на овој проект. Тие понудија дополнителен рок во рамки на кој очекуваат да ја завршат изградбата на делницата Фаришка – Дреновска клисура од екпресниот пат Градско – Прилеп. Во наредниот период ќе ги разгледаме нивните предлози, но она што сакам да го потенцирам е дека ќе побараме од изведувачот квалитетна изградба на овој патен правец кој е многу важен за поврзување со Пелагонискиот регион, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Со претставниците на „Рубау“ се согласиле на заедничка соработка за надминување на настанатите состојби заради побрза и поефикасна реализација на проектот.

„Рубау“ работи на изградба на 10 километри од планираните 33,5 километри експресен пат од Градско до Прилеп. Инвестицијата за првата фаза изнесува 31,8 милиони евра.