Рочиштето одложено: Грујевски и Бошковски одбиле превод на бугарски иако имаа бугарски пасоши
За 2 март е одложено рочиштето по поднесената жалба до Врховниот суд во Атина, за одлуката за екстрадиција на Никола Бошковски и Горан Грујевски. Причината, како што јавува дописникот на МИА од Атина, е краткиот период што го имале адвокатите за разгледување на предметот и затоа што не бил обезбеден преведувач на македонски јазик.
Шесттемина судии и обвинителот, надлежни за разгледување на жалбата во грчкиот Врховен суд, го слушнаа образложението на адвокатите и одлучија рочиштето да се одложи за 2 седмици.
Адвокатите на Грујевски и Бошковски, уште на почетокот побараа одложување, а тоа го поткрепија со фактите дека немале доволно време да го разгледаат предметот и поради непостоењето преведувач од грчки на македонски јазик и обратно.
Едниот од адвокатите рече дека во понеделникот го добил предметот, а Грујевски и Бошковски во вторникот од Солун, биле донесени во Атина, со што тој не бил во можност да поразговара со нив, ниту имал доволно време да го разгледа предметот.
Судијката заклучи дека немале можност да се подготват, а двајцата адвокати рекоа дека сакаат рочиштето да се одржи на најдобар можен начин и се обврзаа дека за следниот пат ќе обезбедат преведувач.
Во судницата беше присутна преведувачка, службено назначена, но од бугарски на грчки јазик и обратно. Цело време додека траеше дијалогот меѓу судијката и адвокатите таа им преведуваше, но од адвокатите беше посочено дека потребно е да се обезбеди преведувач на македонски јазик.
И Грујевски и Бошковски на прашањето на судијката дали се согласуваат со одложувањето одговорија потврдно.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, Грујевски и Бошковски во придружба на двајца полицајци пристигнаа во судницата и смирено ги следеа сите случаи што беа пред нивниот.
Жалбата во Врховниот суд во Атина за нивната екстрадиција се разгледуваше со уште 20 други случаи.
По кусото рочиште и одложувањето, од Судот беа префрлени во атинскиот затвор „Коридалос“, каде што се наоѓаат од вторникот, по нивното префрлање од Солун во Атина.
Одложено беше и закажаното сослушувањето пред Комитетот за азил во Солун, поради тоа што тие се наоѓаа веќе во Атина.
За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.
Едниот е за фалсификуваните бугарски пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава.
Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември минатата година.
Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалбата против одлуката на судот, за случајот да го разгледа Врховниот суд во Атина.