Романи од двајца современи исландски автори во издание на „Антолог“


Два историски романа од истакнати современи исландски автори објави издавачката куќа „Антолог“ – „Сага за Јон“ од Офејгур Сигурдсон и „Солзите на ангелите“ од Јон Калман Стефансон.

„Сага за Јон“ е фасцинантна епистоларна приказна за „огнениот свештеник“, комплексна и таинствена личност, една од најнеобичните во историјата на Исланд. Книгата ја доби Наградата за литература на Европската Унија во 2011 година. Авторот Офејгур Сигурдсон, кој живее и работи во Белгија, е меѓу ретките писатели од Исланд чиј роман за три месеци се распродал во пет изданија.

Вториот роман кој преведен на македонски го објави „Антолог“, е „Солзите на ангелите“. Според издавачот, се работи за моќна приказна што потсетува на вечната борба на човекот против безмилосната природа. Приказната следи момче кое по доживеаната траума на море, оди во мало исландско село што наскоро ќе му стане дом.

Авторот Стефансон за ова дело ја добил италијанската награда „Ботари Латес Гринѕане“. Книгата е втор дел од епската исландска трилогија, чиј прв дел – „Помеѓу рајот и пеколот“, веќе е објавен во издание на „Антолог“.