Роберт Редфорд се пензионира од филмот


САД– Со улогата во филмот „The Old Man & The Gun“ легендарниот актер Роберт Редфорд ќе ја заврши неговата 50-годишна кариера. Тој го потврди повлекувањето од актерската професија во интервју за Entertainment Weekly.

Во интервјуто, 81-годишниот актер рече дека ќе го исполни ветувањето кое го даде во 2016 година и ќе се повлече од актерството како професија.

„Никогаш не вели никогаш, но јас сум прилично уверен дека ова ќе биде мојот последен актерски ангажман, по што ќе заминам во пензија. Ова го правам од 21 година и мислам дека сега е доволно. Зошто не би заминал со нешто весело и позитивно?“, рече Редфорд.

Тој вели дека токму филмот „The Old Man & The Gun“ го натерал сериозно да размислува на пензионирањето и да ја донесе конечната одлука околу тоа. Имено, во филмот Редфорд ја толкува улогата на Форест Такер, стар криминалец кој ограбува банки. Тој е уапсен 17 пати, но успева да избега од затвор исто така 17 пати.

„Ако никогаш не бил фатен, тој никогаш немало да ја научи убавината на бегањето од затвор, а со тоа ниту вистинската убавина на животот“, додава Редфорд.

Актерот не сакаше да го отпише можниот режисерски ангажман во иднина, нешто што го поврзува со филмската индустрија дури и повеќе од актерството. Тој е основач на Sundance институтот и Sundance Film Festival, најпознатиот фестивал во светот за независни филмови.