Рисима Рисимкин, кореограф: Во новата година очекувам љубов и радост


Порано балерина, сега кореограф, секогаш мајка и сопруга. Нашата соговорничка Рисима Рисимкин е редок спој на паметна, убава и жена со стил, која со својата појава и професионален ангажман воодушевува и дома и низ светот. Скорпија со подзнак Лав, која никогаш не се откажува и не потклекнува пред тешкотиите, иако понекогаш има големи разочарувања.

Уметничка директорка е на „Танц фест Скопје“. Од октомври 2010 година ја води студиската програма за современ танц – „Скопје танцовата академија“, како дел од Универзитетот ЕСРА во соработка со престижната „Ротердам танцовата академија“ од Холандија. Од годинава работи и како вонреден професор на државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Основач е на Културниот центар „Интерарт“ (1996) преку чии активности ја развива македонската современа танцова сцена. Во 2010 година Рисимкин работи како гостин кореограф во Ротердам, Холандија, и во Националниот балет Љубљана, Словенија. Во сезоната 2012-2103 година е уметнички директор на Националниот балет на Анталија, Турција.

По што ќе ја памети 2017 година и што очекува во новата година ни откри во интервјуто што го правевме во новогодишен амбиент, покрај раскошната елка во хотелот „Квин“ во Скопје, со чаша шампањ.

Кој е вашиот свет? Балетот, танцот, кореографијата или сѐ заедно?

– Мојот живот е танцот.  Со танцот сум од најмали нозе, прво со класичниот, потоа со современиот, а кореографијата е мојата животна определба во последниве 27 години. Уметноста е светот во кој живеам и творам.

Кога откривте дека сакате да бидете балерина?

– Не се сеќавам точно, од најмали нозе знаев дека сакам да сум балерина. Ме воодушевува танцувањето, така е и денес, само сменети се околностите и експресијата на моите внатрешни чувства.

Каде бележите најмногу резултати, а каде е најголемото уметничко и комерцијално вложување?

– Мислам дека оформувањето на инфраструктурата за современ танц кај нас: „Скопје танцовата академија“ во 2010 година, која од септември 2017 година е во рамки на државниот универзитет (УГД) во Штип, оформувањето на „Скопје танцовиот театар“ во 2011 година, се разбира фестивалот „Танц фест“, чиј почеток е во 2005 година, се резултатите што ми се многу значајни.

Создавањето на основното јадро за современ танц во Македонија – танчарите на „Скопје танцовиот театар“ е нешто што го сметам за врв на моите заложби, за развој и поставување на нозе кај нас на оваа прекрасна уметност, која го држи приматот во 21 век – современата танцова уметност. Кога зборуваме за уметност, не можам да зборувам за комерцијала бидејќи не ја сфаќам уметноста како комерцијална и не вложувам на тој начин во неа.

Што ве тера напред, а што не би повториле?

– Визијата што сакам да ја остварам постојано ме води нанапред. Никогаш не се откажувам и не потклекнувам пред тешкотиите, иако понекогаш има големи разочарувања. Сметам дека секој човек треба да се стреми кон остварување на својот сон, посебно, ако тоа дава одредени резултати. Во моментов, многу луѓе зависат од мене, па и да сакам, не можам да се откажам.

Ништо не би менувала. Дури и некои грешки што сум ги направила, иако ме подзапреле во тој момент, ми донеле сознанија кои ме направиле помудра, мислам дека на грешките сите треба да учиме и дека тие се неопходни. Само да не се повторуваат.

Зошто балетот се смета за елитна уметност?

– Сонот за балерината што танцува издигната на прстите е сон за идеал, леснотија и живот надвор од секојдневието. Секое мало девојче сака да танцува. Јас бев едно од нив. Кога „пораснав“, го засакав современиот танц заради вистинската слобода во изразувањето која тој ја овозможува.

Зошто мајките сакаат ќерките да им одат на балет? Кое е вашето искуство? Која возраст е најдобра и кои се вашите совети?

– Секој родител се труди детето да се занимава со одредени активности надвор од училиштето, според афинитетите на самото дете. Девојчињата, во најголем број, сакаат да танцуваат, тоа го прават редовно по дома и затоа родителите ги носат на танц. Се разбира, правилната обука во областа на танцот, приспособена според возраста, им овозможува на децата и правилен психофизички развој. Во истражувачкиот центар „Рисимкин“ (РИЦ) имаме програма за деца од четири години па нагоре, која е приспособена на возраста, тоа е креативниот танц, програма работена по холандски терк, која ја предаваат академски обучени професори.

РИЦ промовира нов пристап, ние се залагаме за уметничка игра, т.е. посебно внимание обрнуваме на уметничкиот развој на децата, не на натпреварувачкиот аспект. Сметам дека децата што од мали нозе се сретнуваат со уметноста, ја развиваат креативноста и се подготвуваат за животните предизвици на еден поинаков начин, кој им овозможува подобар развој и поголем успех во животот.

Патувате, гостувате, ве канат… што светот добива од вашите настапи, а што вие земате од странските гостувања?

– Го откривам светот со секое патување. Посетата на различни земји и култури нѐ прави поинакви, импулсите што ги примаме провоцираат нови начини, нови креации. По патот оставаме дел од нас, од нашата креативност и уметничка енергија, но тоа всушност, нѐ збогатува, бидејќи уметничкиот хоризонт се отвора. Уметноста е пат по кој треба да одиме бидејќи ги развива сетилата и нѐ прави подобри.

Кои настапи и патувања ќе ги памтите?

– Многу ги има, но на некој начин сите ги паметам. Етеричноста на изведбата го прави секој момент посебен. Подоцна, реалноста исчезнува, останува прекрасно чувство, кое дури и кога не паметиме детали нѐ води назад низ времето и повторно го провоцира тоа чувство и создава слика. Токму онака како што рекол Пол Кле „Уметноста не го репродуцира видливото, таа прави да гледаме“, јас „прогледувам“ низ сеќавањата.

Ги менувавте адресите во различни држави. Каде сте своја и со себе?

– Секаде сум дома. Каде што се танцот и моето семејство, таму сум и јас. Од мали нозе сакам да патувам и имав, можеби ретка можност, во одреден период да живеам и работам надвор, а воедно и тука да не ја запоставувам работата. Запознавањето нови средини, обичаи и култури, значи богатство на духот, почнувате да размислувате пошироко, дејствувате во поголем распон. Ве прави и вас поинакви. Уметноста добива нови хоризонти, а и самиот живот. Не се толку важни ситниците, туку влегувате во океан во кој добро пливате.

Што ве тера напред?

– Искрено, не знам. Верувам во тоа што го работам и постојано се отвораат нови можности. Некако, не можам да запрам (се смее). Како човек кој се качува на врвот на ридот и кога ќе стигне таму гледа дека има уште еден, поголем и повисок. Се насочува кон него. Тоа трае…

Колку семејството ви е поддршка?

– Семејството е мојата љубов во животот. Ми дава огромна поддршка, ја сфаќа мојата заложба за остварување на „невозможната мисија“ и едноставно е со мене. Мојот сопруг и двајцата синови се инволвирани во мојот живот максимално, секако и јас во нивниот. Но мене семејство ми се и „Скопје танцовиот театар“, и „Танц фест“, и академијата. Сѐ што правам е поткрепено со љубов.

Дали успеавте кариерата да ја усогласите со приватното?

– Кај мене нема таква поделба. Во мојата професија јас сум дваесет и четири часа со работата и со семејството. Нема строга поделба, нештата се испреплетуваат. Знам да се одморам кога треба, знам и да се наработам. Тоа е.

Колку ви значат новогодишните празници?

– Многу сакам празници, прослави! Ги користам сите можни поводи за славење и забави. Обожавам да се дружам со позитивни луѓе, а предновогодишната атмосфера ме радува посебно бидејќи некако ги завршуваме обврските и останува еден краток период на дружење и забави. Го сакам.

Каде за Нова година?

– Во Бока. Ќе одиме во Црна Гора, малку да земеме воздух и да се дружиме со пријателите што ги имаме таму. Мислам дека вечерта ќе сме дома, неконвенционално, покрај морето.

По што ќе ја памтите 2017 година?

– Па, сигурно по тоа што „Скопје танцовата академија“ стана дел од Државниот универзитет „Гоце Делчев“ од Штип, со што им овозможивме пристап на повеќе студенти во државна квота. По извонредниот „Танц фест 2017“, по патувањето со „Скопје танцов театар“ на „Културната сезона“ во Чуанџо, Кина. По создавањето на кореографијата „Котел“ на музика на Тони Китановски, која е одбрана за затворање на фестивал во Њујорк во 2018. По преубавите моменти со пријателите во Прчањ.

Што очекувате во 2018 година?

– Нѐ очекуваат многу значајни гостувања, пред сѐ на „Холанд денс фестивал“ во Хаг, Холандија, каде што на деветти и десетти февруари настапуваме со претставата „Кожа“ во култниот простор „Корзо“. Ние сме единствена компанија не само од Македонија, туку и од целиот регион која настапува на овој фестивал од неговото основање до денес. „Холанд денс фестивал“ е еден од најзначајните фестивали за современ танц во Европа и во светот, и тоа е огромен успех за „Скопје танцовиот театар“, кој постои неполни седум години.

Нѐ очекува гостувањето на значајниот „Батери денс фестивал“ во Њујорк, САД, каде што ќе имаме претстава на отворената сцена на фестивалот покрај реката Хадсон, но ексклузивноста е во тоа што ќе настапиме со кореографијата „Котел“, на свеченото затворање на фестивалот во „Шимел центарот“ во Њујорк, на 17 август 2018 година, што ни претставува посебна чест.

Нѐ очекува гостување во Пекинг во октомври 2018 и гостување во Загреб во ноември 2018 година. Многу работа нѐ очекува.

А јас? Јас очекувам одличен „Танц фест“, очекувам „Скопје танцов театар“ да продолжи по патот на успехот и, конечно, да добиеме простор во кој ќе се сместиме и ќе продолжиме со создавањето, очекувам уште пошироко да се отворат вратите за соработка со светот.

Очекувам љубов и радост, прекрасни дружења и забава. Не само за себе, за сите.

Дали ја негувате традицијата за подарување?

– Да. Сакам да подарувам и се трудам да подарам нешто што ќе ѝ се допадне на личноста на која ѝ подарувам. Се трудам да најдам нешто што одговара на нејзиниот карактер. Мислам дека е прекрасно да се подаруваат нешта, тоа го исполнува воздухот со ѕвездена прашина и волшебност.

Со кого најмногу се дружите и пиете кафе?

– Првото кафе го пијам секогаш дома, со сопругот. Потоа, постојано во различно друштво. Многу патувам и создавам пријателства и надвор од Скопје. Тука имам широк круг пријатели и не секогаш имаме време едни за други, но се трудиме да се сретнуваме и да го споделиме моментот.

Предизвикувате внимание и со стилот на обликување. Дали естетиката е начин на живеење, потреба да си се допаднете себеси или на јавноста?

– Естетиката е дел од мојот живот, на секој чекор, во секоја активност. Не се трудам никому да се допаднам, туку се облекувам како што сум расположена, облеката и стилот ме дефинираат мене и се рефлексија на моето расположение.

Како би го дефинирале вашиот стил?

– Не сум размислувала во тој правец, но сакам облека која барем по нешто е специфична. Не ја следам трендовски модата, туку си создавам стил кој сметам дека одговара на мојата личност. Вам ќе ви оставам да го дефинирате.

Кој ви е омилен парфем, козметика?

– Користам различни парфеми, повторно во зависност од расположението. Во принцип, тоа се парфеми кои имаат цветна подлога. Исто и со козметиката, во различни периоди користам различна козметика, приспособена на мојата возраст.

Преферирате ниски или високи потпетици?

– Ниски и средни. Високи во посебни пригоди, но мојот стил е лежерен, секојдневно сакам да се чувствувам удобно.

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски