Референдум


Дали сте за стара колекција на попуст или за нова, ама поскапа колекција?

Дали сакате да бидете уникатни или веќе видено?

Дали сакате шопинг на раат, во тишина, со клима, насмеани муштерии и продавачи, празен гардеробер, слободна каса, средена облека во сите броеви на закачалка или турканица без воздух, нервозни муштерии и продавачи, џагор на разни јазици, расфрлена облека на подот, распар чевли или лимитирани броеви?

Дали сакате да бидете среќни со празен џеб или несреќни со полн џеб?

Дали навистина ви треба нова гардероба или не можете да одолеете на гараж сејл?

Во сезоната на попусти во Скопје, никој не вели: ај на кафе, сите велат: ај на шопинг.

Ниски цени, многу желби, голем ќеф, дење, ноќе, преку недела и за викенд, сами, со семејството или во друштво, случајно или намерно, дотерани или кежуал, во кеш или на картица.

Среќавате лица што одамна не сте ги виделе.

Скопје ви заличува како Милано, Париз или Лондон, каде што за евтини пари двапати во годината можете да се чувствувате како филмска ѕвезда.

Во Скопје не е грев да носиш брендиран модел или моден додаток од старите колекции. Зашто на прсти од раката можат да се избројат дамите и господата кои од глава до петици се облечени со парчиња од новите колекции.

Кај нас е грев што сè се мери со моќта, парите и функциите. Никој не го интересира карактерот, личноста, потеклото, образованието, хуманоста и еколошката свест, туку скапите коли, луксузните станови и брендираната облека.

Кај нас евтино не значи секогаш и бофл, кај нас скапо не значи секогаш и квалитетно, зашто кај нас скапото и бофлот одат рака под рака, како и кичот и имањето стил, и никогаш не сте на чисто дали некој носи оригинал или фалсификат.

Во Скопје може да се случи и две жени трендсетерки на ист настан да се појават во иста креација. Зашто сите купуваат од исти популарни дуќани. И оние со среден џеб и оние со длабок џеб.

Не е сè во трендот, има нешто и во вкусот, удобноста, почитување на домаќинот, на институцијата и на пригодата. Ова се стилски грешки на нашите јавни личности или се лажам?

Стартуваше кампањата дали сте за, против или воздржани.

Ваш избор е дали ќе учите или ќе ги повторувате грешките.

Не е лесно ниту евтино да го следите европскиот стил, уште потешко е да го копирате!

Лејла Сабит