Ренова во финишот го совлада Работнички


Ренова во финишот на натпреварот во Тетово го совлада Работнички со 2:1 во рамки на 28-то коло од Првата лига.

Водството за Ренова го донесе Лукас Марко Меирелес, кој по корнер од десната страна реагираше со глава, а топката од телото на Момчило Рашо заврши зад грбот на Даниел Божиновски, кој немаше време за реакција.

Николче Шаркоски во 87.минута успеа да израмни, а Влатко Стојановски постигна гол во втората минута од судиското продолжение за победа на Ренова од 2:1.

Шкупи со 1:2 на гости ја совлада Академија Пандев. Бунјамин Шабани во 33 минута и шест минути подоцна Баже Илијоски со по еден погодок му донесоа предност на Шкупи. Академија Пандев намали со гол од пенал на Зоран Балдовалиев во 45 минута.

Пелагиниското дерби меѓу Пелистер и Победа заврши нерешено со 1:1. Зоран Даноски во 59 минута донесе предност за прилепскиот тим, а Пелистер израмни со голот на Иве Трифуновски во 83 минута.

Скопје и Силекс ремизираа 1:1 во Кичево. Силекс поведе со голот на Глигор Глигоров во 16 минута, а израмни Филип Петковски во 54 минута.

Претходно Шкендија во Скопје го совлада Вардар со 2:3 и се доближи на само еден бод од официјално освојување на титулата.