Реисот ја загреа кампањата


Исламската верска заедница сè уште не го добила одговорот од Владата по нивните барања за решавање на статусот на три џамии низ земјава и наводната дискриминаторска денационализација, поради што, барем официјално, одбиваат да ја продолжат преписката со „Илинденска“ б.б. Тоа, секако, не значи дека ќе останат молчаливи, па веќе денеска се очекува ИВЗ да ги соопшти своите мотиви во врска со покренувањето на прашањето, кое го завиткаа и во закана кон власта во пресрет на претседателските избори.
Дали е во прашање контранапад поради најавената контрола од страна на Управата за јавни приходи, договор со ДУИ да се одвлече вниманието од растечкиот рејтинг на кандидатот за претседател, Блерим Река, создавање алиби пред коалицискиот партнер од „Бихаќка“ за евентуален неуспех да се доведат гласачите Албанци на избирачките места за да му се обезбеди цензус на Стево Пендаровски или, пак, едноставно, ИВЗ сака да ги доведе на чисто односите со државата без никаква заднина?
УЈП веќе неколку месеци се обидува да продре во ИВЗ и да види дали, како и колку оваа верска заедница работела законски. Според податоците од Централниот регистар, ИВЗ не поднела ниту една завршна сметка од 2006 година.
„Ве известуваме дека Управата за јавни приходи во моментов прави анализа на сите документи што ги доби од други институции со цел да ја утврди фактичката состојба во ИВЗ. Нашите инспектори комуницираат исклучиво со лицата што се задолжени за финансиското и сметководственото работење, независно за каков даночен обврзник станува збор“, велат од УЈП за „Независен весник“.
Оттаму нагласуваат дека не смеат да даваат информации околу истрагата бидејќи станувало збор за даночна тајна.
Аналитичарот Роберт Несими препознава политичка заднина во заканите на ИВЗ токму сега пред изборите да расчистува „криви дрини“ со Владата и тоа за процеси што траат со години и не претрпеа драстични промени изминатиов период.
„Тоа е наместена кавга и тоа од страна на ДУИ и власта во целина. Тие гледаат дека Блерим Река, кандидатот за претседател, кој е поддржан од партиите на Зијадин Села и на Билал Касами, секојдневно го окупира просторот во албанските медиуми и меѓу Албанците, па сега се обидува да го стави во втор план. Смислуваат други теми за да го одвлечат вниманието. ИВЗ има одлични односи со ДУИ, па дури и со СДСМ, така што само наивните можат да поверуваат дека на кој било начин ќе се обиде да ѝ наштети на владејачката коалиција, особено пред претседателските избори“, анализира Несими.
Извори од Алијансата за Албанците посочуваат дела партијата на Али Ахмети сака да си обезбеди алиби во случај мал број на Албанци да излезат да гласаат во вториот круг од изборите и со тоа да не биде обезбеден цензус.
„Поради тоа, и реисот го ставија во игра, демек тој ќе зборува лошо за Владата по џамиите и ќе ги одврати верниците да гласаат за Пендаровски“, коментира нашиот соговорник.
И аналитичарот Кенан Алиу препознава политичка нота во наглото вртење на кормилото од страна на реис-ул-улема, но не сака да шпекулира околу причините.
„За тие работи што ги споменува ИВЗ, нормално е и неопходно е да разговара со институциите. Спорно ми е тоа што изградбата на минарето на џамијата во Охрид, за кое се зборуваше и претходно, сега наеднаш влезе во контекст на изборите. Логично е првата асоцијација да биде дека станува збор за политички блеф“, смета Алиу.
Исламската верска заедница во петокот ѝ се закани на Владата дека во пресрет на претседателските избори, во 700 џамии низ земјава ќе ги информира верниците за дискриминациски однос од страна на државата. За да не се случи тоа, бара од премиерот Зоран Заев и неговиот тим да добие писмен одговор за намерите и активностите во врска со реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, статусот на верските објекти во Лажец и Хусамединпашината џамија во Штип, која била заведена на име на друга верска заедница.
Добија инстант-реакција од „Илинденска“ дека Македонија е секуларна држава, поради што извршната власт нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници. Од владата дури рекоа и оти размислуваат да го известат и Обвинителството за искажаните закани.
Само два дена подоцна, реисот-ул-улема седеше еден до друг со министрите во Владата од редовите на ДУИ. Али Ахмети напомена оти имало простор за разговор и не сметал имало некаков проблем меѓу државните институции и заедниците што ги штитат правата на верниците.

Горан Адамовски