Режисерот Лордан Зафрановиќ ќе гостува во Кинотеката на Македонија


Познатиот чешко-хрватски режисер Лордан Зафрановиќ ќе гостува во Кинотеката на Македонија во рамките на филмскиот циклус „Уредник со причина“, кој годинава почна да се практикува. Овој пат презентацијата на филмовите на Зафрановиќ и неговото гостување се насловени како „Гостин со причина“.

Од 3 до 5 април ќе бидат прикажани четири негови филма, а по завршувањето на последната проекција ќе се одржи и дискусија со режисерот.
Зафрановиќ е познат по филмовите „Окупација во 26 слики“ и „Падот на Италија“ и добитник е на многу награди.

Првиот филм од циклусот „Гостин со причина“, кој ќе биде презентиран на 3 април, е токму „Окупација во 26 слики“, а освен како режисер на овој филм, Зафрановиќ се потпишува и на сценариото заедно со Мирко Ковач, Филип Дејвид и Стипе Гурдулиќ. Ова е еден од најконтроверзните филмови во Југославија и предизвика бурни реакции веднаш по прикажувањето. Зборува за тројца млади луѓе – Хрват, Италијанец и Евреин, кои се најдобри другари во предвоениот Дубровник. Кога нивната држава е окупирана од нацистите и нивните сојузници, идиличниот град станува место на терор и немилосрдни масакри. Пријателите мораат да заземат различни страни во светскиот конфликт. Овој филм влезе во селекцијата на Канскиот филмски фестивал во 1979 година. А на фестивалот во Пула освои награди за најдобар филм, режија и за камерата на Карпо Година. Проекцијата на „Окупација во 26 слики“ во Кинотеката на Македонија ќе започне во 19 часот на 3 април. На 4 април ќе бидат прикажани два филма на Зафрановиќ, и тоа „Недела“ во 18 часот и „Падот на Италија“ со почеток во 20 часот.

Со филмот „Недела“ почнува циклусот филмови на Лордан Зафрановиќ, еден од најзначајните југословенски режисери, заедно со Горан Марковиќ, Горан Паскаљевиќ, Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ, а подоцна ќе им се придружи и Емир Кустурица, припадник на таканаречената Прашка школа – движење што ги изнедри најдобрите југословенски филмови. Овој филм се смета дека е првиот на ова движење и во главна улога се појавува Горан Марковиќ. Раскажува за група млади луѓе кои цел ден лудуваат по улиците на едно јадранско пристаниште, водат љубов, се задеваат, јадат и пијат, за на крај да украдат еден автобус и во еуфоријата на нивната деструктивност се фрлаат со истиот во морето што во манир на надреализмот симболизира воскреснување. „Падот на Италија“ раскажува за партизански командир кој мора да го застрела својот другар војник. Ова се случува бидејќи тој се откажал од борбата и се предал на живот полн со грев и страсти. Меѓутоа, со капитулацијата на Италија во септември 1943, војната се чини завршена за многу војници, а меѓу нив е и командирот. Овој филм ја доби наградата „Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула во 1981 година.

На последниот ден од циклусот „Гостин со причина“ на 5 април со почеток во 19:30 часот ќе биде прикажан „Вечерни ѕвона“, во кој главните улоги ги играат Раде Шербеџија, Петар Бозовиќ, Миодраг Кривокапиќ и Петре Прличко. Филмот е базиран на романот Врата од утробата на Мирко Ковач – роман кој во 1978 година го добива најпрестижното литературно признание во Југославија – Наградата на НИН од критиката. Мирко Ковач и Лордан Зафрановиќ соработуваат на „воената трилогијата“ што ја сочинуваат „Окупација во 26 слики“, „Падот на Италија“, „Вечерни ѕвона“.
По проекцијата на 5 април филмот следува разговор со Лордан Зафрановиќ, а дискусијата ќе ја модерира проф. д-р Наум Пановски. Во рамките на посетата на Зафрановиќ во Македонија, Факултетот за драмски уметности од Скопје организира средба во нивните простории на 3 април, со почеток во 11 часот. (И.Н.)