Ревија на Росица Мршиќ на 24 април во „Јавна соба“
Деветнаесеттата сезонска колекција на дизајнерката Росица Мршиќ ќе биде прикажана на 24 април, во 20 часот во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, во организација на Моден викенд Скопје.
Најновата колекција наречена „Celia“ е инспирирана од портретите на Силија Биртвел насликани од познатиот англиски уметник Дејвид Хокни. Станува збор за урбана и некоформистичка шик колекција која претставува нов израз на дизајнерката Мршиќ која како што вели „се предизвика себеси да работи нетипични за нејзината работа, помеки и лелеави силуети“.
„Парчињата кои ги создавам ги портретирам како парчиња кои се за секој ден, секоја пригода но секогаш интригантни и возбудливи. Силни бои, цветни стилизирани принтови, црна и мека бела боја, артистични текстури на материјал, кроеви сложено изработени, ја прават „Celia“ карактерно романтична, авангардна и ласцивна“, изјави Мршиќ.
Дизајнерката на накит Марта Поп Антоска инспирирана од креацииите на Росица Мршиќ изработи лимитирана серија на накит од стакло кој ќе ги надополни креациите.