Ребалансот ги намалува и приходите и расходите за половина процент


Владата сношти го разгледала и усвоила ребалансот на Буџетот за годинава. Прес службата соопшти дека одлуката за измени и дополнувања на Буџетот е донесена врз основа на приливите и одливите кои предизвикале потреба од минимални прилагодувања.

Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Дефицитот е намален, но во однос на БДП е непроменет и изнесува 2,7 отсто, затоа што се намалени и приходната и расходната страна.

Со изменетиот Буџет, приходите одат 0,5 отсто надолу, односно за 1 милијарда денари.

„Владата констатираше дека во услови на непроменети приходи на основниот буџет, ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на намалување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и  благиот пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од околу 1,5%, односно истите се ревидирани на ниво од 56,2 милијарди денари“, соопшти Владата.

И расходите за годинава се намалени за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.  Бидејќи не се искористени голем дел од парите наменети за капитални инвестиции, таму се направени кратења, а минусирање има и кај каматните расходи. Фондот за пензиско осигурување ќе добие повеќе пари за да може непречено да се исплатуваат пензиите и за транзициските трошоци за вториот пензиски столб. Дополнителни пари одат и во Фондот за здравствено осигурување и во Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност.

„Постапката за измени и дополнувања на Буџетот за 2018 година, Владата на РМ ја иницира во овој период за да се запазат роковите согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието на РМ до 15 ноември, во случај доколку не се донесе одлука за одржување на предвремени избори“, соопшти Владата.