Реакција од ГАК за случајот во кој таткото тврди дека е исчезнато бебето


Клиниката за гинекологија и акуштерство (ГАК) реагира на изнесените изјави од страна на Јован Волчев, татко на новороденче, кој рече дека неговото бебе исчезнало. Од клиниката тврдат дека таткото не бил одбиен да го види своето дете туку му било кажано да дојде во време одредено за посета односно во 16 часот. Тие соопштуваат дека тој претходно веќе го имал видено бебето, за што и самито потврдил.

„Не е точна дадената изјава дека бебето „му го нема“ туку дека мајката која како оперирана сè уште е на интензивна нега и дека документите се сè уште таму. Лицето во неколку наврати културно било информирано за редот на работата и процедурата на покажување на новороденчињата. Лицето кое предизвикало инцидент во изјавата потврдува дека веќе еднаш го видел бебето така што денес не му било првпат за да воопшто добие впечаток дека не станува збор за неговото дете. Сослушан е персоналот од одделението за пуерпериум и детско одделение и изјавите се нотирани во полиција и ниту во еден случај таткото не добил информација дека такво дете не постои. Детето идентификувано е покажано и по породувањето на мајката. Новороденчињата не се водат по име и презиме туку по број – родилен проткол, како и други заведени податоци и во ниту еден момент пред персоналот не изреагирал. Таткото се однесувал неверојатно агресивно и пред очите на многу други цивили кои се понудиле како сведоци на овој настан“, велат од клиниката во нивната писмена реакција испратена до медиумите.

Понатаму, тие тврдат дека таткото во неколку наврати се втурнал на одделение на кое е забрането влез на цивилни лица што се забележува и на безбедносните камери.

„Таткото се заканувал удирајки со тупаници по стаклото од шалтерот со зборови дека „ќе фрлел бомба“, „ќе ги убиел сите“ по што реагирале и вработените. Таткото ги навредувал медицинските сестри и докторката со највулгарни зборови исто така пред многу сведоци. Движењето на лицето е потврдено и на безбедносните камери на клиниката како и моментот на физичко оттурнување на вработено лице на клиниката. На камерите точно се забележуваат и времето на телефонски разговори на лицето, неговото симнување, како и пристигнувањето на медиумот. Ја информираме јавноста дека ваквите случаи колку ја вознемируваат јавноста го вознемируваат и персоналот кој наместо да се грижи за пациентите по одделенијата се справува со насилно однесување на некои цивили. Целиот персонал е вознемирен и уплашен од ваквото агресивно однесување кое за среќа завршило со повикувањето на клиничкото обезбедување. Случајот е пријавен во полиција и од страна на Управата на клиниката и истиот ќе добие правна завршница онаква каква што во случаи на кршење на јавен ред и мир, напад и навреда на службени лица се случува. Правото на посета треба да се почитува бидејќи ја дава можноста да се видите со најблиските, но ограниченото време ја намалува можноста од загрозување на здравствената состојба на пациентот како инфекции, вируси и слично“, велат од клиниката.

Таткото, Јован Волчев на 3 февруари 2018 година, реагираше дека на клиниката не сакале да му го дадат бебето да го види и дека бебето било исчезнато. Како што објави Сител телевизија, по неколкучасовни шетања низ клиниката и расправии со медицинскиот персонал каде е новороденчето, на крај му покажале бебе на кое пишувало Василевска па прецртано и напишано Волчева. Јован, видно вознемирен, по се што слушнал се посомневал дека ја видел својата ќерка.

„Ми рекоа во девет часот има визита дојдете подоцна, отидовме во десет и тогаш ми викаат такво бебе со тоа име нема, но дојдете накај 11.30, отидовме и пак викаат не може да го видите заради историјата на мајката а подоцна кога ве повикав и вас ми покажаа бебе со презиме Василевска, но од кај да знам јас дека тоа е мое бебе може има повеќе василевски во болницата“, изјави Јован за Сител телевизија.

Во врска со овој настан, Министерството за здравство со допис информираше дека е разговарано со директорката на Клиниката и по спроведување на законските процедури и утврдување на околностите, дополнително ќе ја информираат јавноста за случајот.